Ќе го најдат ли Георгиев и Муцунски тоа што спојува?

Она што е заедничко за бугарскиот министер Георг Георгиев и за шефот на македонската дипломатија Тимчо Муцунски, е дека и двајцата припаѓаат на генерацијата млади политичари. Дали тоа ќе биде доволно за исчекор?Во Бугарија се анализира дали и колку ќе издржи новата влада, имајќи го предвид нејзиниот состав од партии кои претходно биле жестоки меѓусебни опоненти, во Македонија се анализира кадровскиот состав на владата и нивниот минат труд, од аспект на нивните ставови кон интеграцијата на земјата во ЕУ. Тоа го нотира и бугарската новинска агенција БТА.
„Во Северна Македонија информираат за новата бугарска влада низ нивната призма на преговори поврзани со европската интеграција на земјата“, објави БТА, пренесувајќи ги изјавите и очекувањата во македонското општество.
На домашен терен, секако, во преден план е интересот за новиот шеф на бугарската дипломатија, Георг Георгиев (33), десет години претседател на младинската организација на ГЕРБ, а на последните избори избран за пратеник од Перник.„Огненото крштевање“ во ресорот тој го имаше на 26 години (2017 година), кога без никакво искуство во дипломатијата стана заменик-министер за внатрешни работи во мандатот на Екатерина Захариева. И сето тоа откако на изборите истата година не успеа да стане пратеник. Но, бугарски медими потсетуваат дека тој добро знаел кому треба да му бакне рака – најбуквално, посочувајќи го видеото снимено таа година за време на зимскиот универзитет на младинската органиција на ГЕРБ одржан во Сандански. Тогаш Георгиев ја бакнува раката на партискиот лидер Бојко Борисов, откако истото го прави и тогашниот заменик-претседател на партијата, Цветан Цветанов. Според објаснувањето тоа се случило на празник, кога традиционално се барала прошка од родителите и повозрасните – со бакнување рака. Не недостигаа коментари дека така се бакнува и рака на „кумот“ во некои поинакви кругови.
Во случајот Георгиев-Борисов е воспоставено традиционално кумство во 2022 година, кога лидерот на ГЕРБ станал венчален кум на Георг и неговата избраничка. Не само што станал кум, туку, како што објавија дел од медиумите, Борисов и го стимулирал озаконувањето на врската меѓу младите, со шеговите забелешка до Георг: „Нели знаеш дека не поднесувам беззаконие околу мене”.
Тоа што тогаш сведочело за духовитоста на Борисов и неговиот „татковски” однос кон младите кадри на партијата, денес сведочи и дека негов кумашин го раководи ресорот надворешни работи.