МЕДИАЦЕНТАР

Нова страница за информации

Фондот на ПИОМ планирал 5.800 нови пензионери, а со новиот закон ќе добие над 10.300

Новиот пензиски закон, најавен од владата, со кој со одредени исклучоци во пензија жените ќе одат на 62, а мажите на 64 години, во само една година ќе создаде еднаков број на нови пензионери колку што претходно имало во три години.

Според податоците од Министерството за информатичко општество и администрација што ги изнесе премиерот Зоран Заев, во моментов околу 10.300 лица кои се на возраст над 64 години сè уште се во работен однос. На ова треба да се додадат и работниците кои ќе сакаат да ја искористат новонајавената можност да се пензионираат до пет години порано со помала пензија, или со докуп на стаж, но и оние кои во текот на годината редовно ќе одат во старосна пензија.

Како што најави премиерот, процесот на донесување на нов закон за пензиско осигурување треба да почне овој месец, а со него од 1 јануари наредната година задолжително ќе се пензионираат сите на 62, односно 64 години со исклучок на медицинскиот персонал и универзитетските професори кои се сметаат за дефицитарен кадар.

Евиденцијата на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување покажува дека во 2019 година имало 324.382 корисници на пензија. Со тригодишниот стратешкиот план на Фондот е предвидено нивниот број до крајот на оваа година да се искачи на 330.051. Тоа е зголемување за околу 5.700, што пак е половина од очекуваниот прилив на нови пензионери со новиот закон од почетокот на наредната година.

Планот на ПИОМ предвидува наредната година бројот на корисници на пензија да се зголеми за уште околу 5.800 до 335.835. Или од 2019-та до крајот на 2021 година според тој план бројот на пензионери во државата треба да порасне за 11.453. Но, новиот пензиски закон овие бројки ќе ги поништи, зашто приливот на нови пензионери само во наредната година треба да биде најмалку двојно поголем од планираниот.

Сè уште нема информации како ќе се финансира поголемиот наплив на тазе пензионери, бидејќи буџетот на Фондот не е доволен за исплата на пензиите, па секоја година се дополнува од државниот буџет. Со новиот пензиски закон би паднале во вода и математиките на Фондот дека наредната година за пензии ќе треба да издвои над една милијарда евра, што е за повеќе од 100 милиони евра над сумата планирана за годинава, но е во рамките на годишните просеци.

Заев смета дека, сепак, пензискиот систем е стабилен и во добра кондиција, па ќе може да ги апсорбира идните пензионери. Според него, во корона-кризата неговите приходи се зголемени до осум проценти, додека пред кризата тие растеле со 12 до 13 проценти.

Во извештајот на пензискиот фонд стои дека неговата зависност од државниот буџет се намалува. Така, финансирањето од државата лани е намалено од 42,69 на 37,1 процент, со што од државната каса во Фондот влегле 29,5 милијарди денари, или за 293 милиони помалку отколку во 2018 година. За сметка на тоа својот удел во пензиите фондот го зголемил за 10,26 проценти. Но, треба да се има предвид дека лани се случи историски најмалото зголемување на пензиите од само 1,1 процент, а стапката на зафаќање од платите за пензиско осигурување е зголемена на 18,4 проценти.

Иако многумина се скептици, со оглед на тоа што соодносот вработен-пензионер кој изнесува 1,8 вработени на еден пензионер е многу неповолен, премиерот е оптимист дека со новиот закон состојбите ќе се подобрат и ќе има повеќе бенефити.

– Ова е процес кој ќе биде отворен од септември, да има конечна примена од 1 јануари, а конечните цели ќе биде давање шанси на младите кадри и тоа не само за јавната администрација, туку и за приватниот сектор.
Ова, исто така, ќе овозможи и да се намали јавната администрација, секако и конечно да се подобри квалитетот каде се работи, вели премиерот.

Тој додава дека дефицитарни кадри и натаму ќе можат да се ангажираат, исто како што ќе може да се ангажираат и искусни советници, доколку е потребно.

Ве молиме следете не и стиснете лајк:
error
fb-share-icon
Copyright © Sekerko All rights reserved. | Newsphere by AF themes.
Social media & sharing icons powered by UltimatelySocial