МЕДИАЦЕНТАР

Нова страница за информации

Филипче:Епидемијата е во силен ек, пикот се очекува за еден месец со околу 2.000 заболени

Позитивни се тестовите на тројца пациенти кои се тестирале на Клиниката „Жан Митрев“, а за нив Институтот за јавно здравје направи контролни тестови, со кои се потврдени претходниот резултати.

Како што информира министерот за здравство Венко Филипче досега се потврдени вкупно 26 лица заполени од корона вирусот, од кои 9 пациенти се згрижени во Дебар, а  17 во Скопје. Состојбата на сите овие пациенти кои се хоспитализирани е стабилна, освен пациентката која е ставена на апарат за дишење.

Се тестираат уште 10 лица кои биле со контакт со овие лица од Скопје, двајца од нив се сопружници кои биле на пат во Бугарија. Првиот пациент е веќе сместен на Инфективната клиника, а останатите двајца, сопружниците се дома и дополнително ќе бидат префрлени на клиниката.

Министерот исто така посочи дека во тек се интервјуа со патниците кои биле во авионот со кој патувала пациентката од Скопје, кај која завчера беше потврден коронавирусот. Таа стигнала со авион од Холонадија преку Виена ноќта меѓу 12 и 13 март. Филипче рече дека биле контактирани и од Австриската амбасада и ги дале сите потребни информации.

– Капацитетот на Инфективната клиника е целосно подготвен. Првиот кат е четвртина од вкупниот капацитет и сè уште не е исполнет, меѓутоа целосно е подготвен и вториот спрат на клиниката да ги прими пациентите за хоспитално лекување, без разлика дали е обична соба или интензивна нега со оглед на тоа што на секоја позиција можат да се стават респираторни машини, затоа што секаде има довод на кислород – вели Филипче.

Според министерот над двесте луѓе се во домашна изолација и засега нема заболено ниту едно лице што било во контакт со докторката од Кожната клиника.

Филипче очекува пикот во Македонија да биде за еден месец и да заболат околу 2.000 лица. Тој истовремено информира дека до крајот на неделата треба да стигнат 200 аспиратори од Кина и значителна бројка на маски.

– Очекувано е согласно сите овие епидемиолошки податоци кои ги знаеме, движењата на луѓето, бројот на заболени во периодот кој што доаѓа да се зголемува. Затоа е најбитно да се спречи локалната трансмисија. Преземавме мерки, ги дополнивме, ќе преземаме и понатаму сè што треба, се со цел да застанеме на патот на ширењето на инфекцијата. Затоа, останете дома, не се собирајте, не се групирајте, излегувајте само ако имате некоја итност, ограничете го движењето, не контактирајте многу со луѓето, не се задржувајте во маркетите, држете дистанца таму каде што има повеќе луѓе, задолжително одржувајте лична хигиена, често миење на рацете 20 до 30 секунди. Од сите нас зависи, од сите поединци, компании, институции, максимално сериозно мора да пристапиме на ова прашање, Повеќе пати кажав дека ова не е шега – потенцираше Филипче и додаде дека единствениот начин е сите да се однесуваме одговорно.

Министерот посочи дека ако има потреба ќе ги заоструваат мерките. Апелираше на децата и хроничните пациенти да седат дома.

– Мораме да го заштитиме и нашиот здравствен систем заради тоа што искуствата од другите земји покажуваат дека заразата се шири и кога е здравствениот систем оптоварен. Сите овие мерки што ги воведовме ќе доведат до тоа да немаме остар пик, нагло зголемување на бројот на заболени и тоа е главната работа што значи тоа да здравствениот систем може да го апсорбира овој удар, за што сме подготвени со капацитети, опрема, кадар кој е подготвен да ротира по потреба- појасни министерот и дополни дека сите 200 анестезиолози, 440 медицински сестри, дополнително на оној кадар со кој сега располагаме, сега се подготвени да се вклучат во третманот на ова заболување.

Министерот посочи дека разговарал со градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, при што е одлучено да се зголеми бројот на автобуси во утринските и попладневните часови и преку денот согласно динамиката на патници, заради тоа што имало информации дека заради редуциран број автобуси има поголема група на патници во еден автобус што не е препорачливо.

Нема веќе патување…

Министерството за здравство деновиве  донесе наредба за спроведување задолжителна самоизолација за секој државјанин на Северна Македонија кој влегува на гранични премини. Според Филипче непочитувањето на оваа наредба и неспроведување на задолжителната самоизолација повлекува одговорност. Мерките за заштита од коронавирусот кои се донесени мора да се почитуваат, во спротивно следуваат казни согласно со членовите 205 и 206 од Кривичниот закон.

На листата на високо ниво на ризик се Кина, Италија, Иран, Јужна Кореја, Шпанија, Франција, Германија, САД, Швајцарија и Велика Британија. Средно ризични земји се Холандија, Шведска, Норвешка, Данска, Австрија, Јапонија, Белгија, Катар, Австралија, Канада, Малезија, Грција, Чешка, Сингапур, Бахреин, Финска, Израел, Словенија, Исланд, Ирска, Романија, Бразил, Индонезија, Кувајт, Португалија, Полска, Филипини, Индија, Саудиска Арабија,Египет, Ирак, Либан, Сан Марино, Обединети Арапски Емирати, Естонија, Тајланд, Чиле и Виетнам. Северна Македонија засега е меѓу земјите кои се со ниско ниво на ризик.

Каде  да се побара стручна помош?

Министерот за здравство Венко Филипче донесе наредба за мерки на мобилизација, организација и распоред на работата и работното време на здравствените установи.

Клиниката за психијатрија во периодот од 9 до 16 часот воведе телефонска психолошка поддршка за граѓаните и ранливите групи на пациенти на кои им е потребна таква помош. Психолошка поддршка на родители на деца на предучилишна и училишна возраст ќе биде достапна на телефонскиот број  072 912 676,  на возрасни лица во самоизолација на телефонот 072919009, а на граѓаните на општина Дебар и општина Центар Жупа, во соработка со Општа Болница Дебар на бројот 070 241 807.

Од Клиниката за психијатрија истакнуваат дека пациентите закажани во „МојТермин“ за психолошко советување и психотерапија во закажаниот термин ќе бидат контактирани од страна на психолог и ќе се спроведуваат телефонски, со можност за видеоврска на некоја од интернет мрежите (по договор). Психолошка поддршка на хоспитализирани пациенти поради коронавирусот ќе се обезбеди во соработка со Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби.

Ве молиме следете не и стиснете лајк:
error
fb-share-icon
Copyright © Sekerko All rights reserved. | Newsphere by AF themes.
Social media & sharing icons powered by UltimatelySocial