Уставен одржа седница по претставките за Законот за употреба на јазиците и за Преспанскиот дог.
По две години откако се поднесени, иницијативите за оспорување на Законот за јазици и Преспанскиот договор, се пред уставните судии.
Политички партии но и граѓани, бараат одговор од судиите, дали прогласувањето на овие закони- е законито.
Уставниот суд денеска одржа подготвителна седница, по која деветмината членови треба да одлучат дали ќе поведат постапка за овие предмети. Претседателот на Уставен Сали Мурати рече дека изминатите месеци имале приоритетни обврски околу вонредната состојба и оспоруваните владини уредби со законска сила, па затоа обемните иницијативи против Законот за јазиците и Договорот од Преспа чекале на ред досега.
-Во текот на цела 2019та година се до почеток на 2020та година интензивно се поднесувале иницијативи за вториот предмет. Тоа бараше дополнителни деловнички активности за секоја иницијатива, преписки до подносителите, анализа на секоја точка поединечно и во целина, изјави Сали Мурати – претседател на Уставен суд.
Меѓу првите во 2019та година кои гласно се спротивставија на објавувањето на Законот за јазици без потпис од тогашниот претседател на државата Ѓорѓе Иванов, беа професорите Апасиев и Кекеновски. Велат дека треба да се преиспита постапката на прогласување, илјадниците амаднмани кои не беа разгледани, и да следува целосно поништување на законот.
– Мислам дека намерно се одолговлекуваше, евидентна е тенденцијата за страстите да се смират и луѓето да си легнат на брашното. Ако ме прашувате политички, Левица од позиција на власт нема да го почитува овој закон, бидејќи не е закон туку објавено парче хартија и ќе спроведеме, според програмата, кривичен прогон за оној што го објавил, а тоа е директорот на Службен весник за кривично дело саботажа, истакна Димитар Апасиев – претседател на Левица.
– Жално е што судот дури сега врши подготвителна расправа, прашање е кога ќе донесе одлука. Негативните последици се страшни по објавување на законот за јазиците и ние сите ги чувствуваме од материјален, персонален и финансиски аспект,вели Јове Кекеновски – професор.
Дека седницата е задоцнета смета и претседателот на Светски македонски конгрес, Тодор Петров кој е подносител на иницијатива против Преспанскиот договор. Тој пред судиите рече дека спогодбата меѓу Македонија и Грција треба да се поништи бидејќи била спротивна на одлуката од референдумот од 1991ва за независност на државата.