Туристичко угостителската комора најавува протест следниот вторник
Незадоволни од ситуацијата во која се наоѓаат, угостителите почнувајќи од 20ти април излегуваат на протести пред државните институции се додека нивните барања не бидат прифатени во целост.
Тие велат дека финансиската помош која што се обезбедува за нив нема континуитет а по една година не постојат ниту протоколи со кои сите дејности би можеле да работат.
-Ако може Владата нас со уредба да ни забрани да работиме тогаш може со уредба да утврди банките да не ни ја цицаат крвта и да не не задолжуваат, заканувајќи ни се дека ќе останеме на улица и без егзистенција. Потенцираме дека состојбата во моментот во секторот е крајно алармантна и правните субјекти се соочени со колапс,истакна Мартин Ангеловски – потпретседател на ТУК.
туристичко-угостителската комора бара од Владата еднократна финансиска помош за сите објекти кои имаат забрана за работа, финансиска помош во вид на грант врз основа на бројот на вработени во 2020 и утврдување мораториум со грејс период на кредитите од банките се додека не им се дозволи да работат без рестрикции.
-Секторот угостителство се соочува со бројни предизвици, условите за работа не овозможуваат приходи за покривање на основните трошоци. Во такви околности, со загрозена егзистенција на цел сектор кој нема ниту основна помош иако беше ветувана, нема повеќе простор за чекање. Сите граници се веќе поминати. Не постои континуитет за економските мерки со цел задржување на работните места и опстојување на деловните субјекти,истакна Мартин Ангеловски – потпретседател на ТУК.
Оваа недела на протест пред Владата излегоа организаторите на настани, но тие вчера соопштија дека ги замрзнуваат протестите откако била договорена средба со Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.
