МЕДИАЦЕНТАР

Нова страница за информации

Трамп ја откажа посетата на Данска, Копенхаген одбива да го продаде Гренланд

Кога пред неколку дена американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека ќе и понуди на Данска да им го продаде Гренланд на САД, во јавноста се мислеше дека тој се шегува. Но неговите најнови твитови говорат дека тоа не било далеку од вистината и дека Трамп сериозно се налутил откако Копенхаген одговори негативно.

„Данска е посебна држава со прекрасни луѓе, но по изјавата на премиерката Мете Фредериксен дека нема намера да разговара за продажба на Гренланд, ја одложувам посетата планирана за две недели.“ – напиша Трамп на Твитер.

Вака претседателот Трамп на Твитер реагираше на пораката на данската премиерка дека Копенхаген нема намера да го продаде големиот леден остров, кој има широка автономија, но е под суверенитет на данското кралство. Американскиот претседател минатата недела изјави дека купувањето на Гренланд од Данска би бил значаен стратегиски потег за САД и дека тој суштински тоа го гледа како обично купување на недвижности. Светот ваквата изјава ја прими со неверување и со неа повеќе се занимаваа сатиричари, отколку сериозни аналитичари. Сепак данската премиерка Мете Фредериксен порача дека Гренланд не е на продажба.

„Гренланд им припаѓа на граѓаните кои живеат таму. Навистина се надевам дека тој не мислеше сериозно“. – изјави Мете Фредериксен – премиерка на Данска.

Веднаш стигна одговор од другата страна. Најпрво Трамп твитна слика на населба во Гренланд на која е намонтирана слика од кулата Трамп во Лас Вегас со коментар дека ветува дека такво нешто нема да направи на Гренланд. И кога сите мислеа дека станува збор за државничка шега, стигнаа твитовите во кои Трамп ја откажува посетата на Данска, планирана за почетокот на септември.

„И благодарам на премиерката на отвореноста, им заштеди многу време на Данска и на САД. Очекувам нов термин за наша средба во иднина“. – напиша Трамп.

Данска го колонизираше островот во 18 век. На Гренланд живеат околу 57 илјади граѓани, повеќето од домородната Инуитска заедница. Гренланд има голема поддршка за независност, но големото прашање е како би можел да преживее без финансирање од Данска, која е одговорна за одбраната и надворешната политика на островот. За САД купувањето на Гренланд е од стратегиска вредност, бидејќи поседувањето на ледениот остров ќе обезбеди дополнително влијание на Арктикот, каде Вашингтон се соочува со зголемена конкуренција од Русија и Кина. Покрај тоа, поради климатските промени и топењето на мразот на Арктикот, сè повеќе се зборува за богатите рудни наоѓалишта на Гренланд, чие население не е далеку од идејата дека тие еден ден ќе имаат независна држава.

Во 1946 година американскиот претседател Хари Труман се обидел да го купи Гренланд за тогашни 100 милиони долари. САД од Данска во 1917 година веќе купија една значајна територија, тоа се денешните Девствени острови. Во 1867 година, САД ја купиле Алјаска за 7,2 милиони долари од Русија.

Ве молиме следете не и стиснете лајк:
error
fb-share-icon
Copyright © Sekerko All rights reserved. | Newsphere by AF themes.
Social media & sharing icons powered by UltimatelySocial