Текстилната индустрија со нетрпение ја чека државната помош
Над 10.000 текстилни работници во земјава веќе ја допреа сиромаштијата. Без плати и здравствено осигурување, пуштени на колективен одмор, а дел од нив и веќе со отказните решенија во раце.
Ваква е сликата во текстилната индустрија изминатите денови, кои со нетрпение ја чека државната помош, бидејќи и нарачките од странските партнери ги нема.
Компаниите не знаат ниту кога повторно ќе имаат работа. Фабричките хали се испразнети, а сите се во грч и во исчекување од она што се случува во македонскиот парламент, со петтиот пакет на мерки, но според стопанството, кое зависи од пазарите и партнерите во Европската унија потребен им е и шести пакет, до јуни
Според Кристина Ампева од Гласен Текстилец пратениците си играат со судбините на работниците, а отказите како гилотини им стојат над глава. Арогантни, несериозни и незрели, вака ги оквалификува Ампева пратениците. Смета дека мерките иако се задоцнети и недоволни барем ќе ја ублажат лошата состојба.
Секој изгубен ден, значи и неколку изгубени работни места во реалниот сектор, кои повлекуваат на улица да се најдат и вработени во услужните дејности.
Од почетокот на пандемијата, па до сега 18.000 работници останаа без работа, повеќе од една третина се во текстилството и кожарството.
Важен е викендов, бидејќи во понеделник работниците кои се на одмор или се враќаат на работа или ќе се соочат со откази, прогласување на технолошки вишок.