СУДЕЊЕ ЗА „МЕЃУНАРОДЕН СОЈУЗ“
Тензично и со високи тонови почна рочиштето за случајот „Меѓународен сојуз“, откако Бојан Јовановски, неговиот татко, Миле Јовановски и неговата асистентка, Христина Блажевска одбија да дадат искази додека не биде овозможено изведување на преписки – Материјални докази од телефонот на првообвинетиот Јовановски за кои тврдат дека има разговори со поранешни владини претставници, меѓу кои и експремиерот Зоран Заев преку апликацијата Ватсап.
Адвокатот на Јовановски, Сашо Дуковски побара овие докази да бидат отворени од лице кое има лиценца да направи вештачење, а не од вештакот кој го сторил тоа на барање на судот, бидејќи според него, немал лиценца.
Јасна Ерцеговиќ, обвинета во случајот, кажа дека на сопственикот на „Дрим Билдинг“, Ардијан Амзоски му го презентирала проектот за старечки домови, а на средбата меѓу присутните биле и експратениците од СДСМ, Александар Кирацовски и Фросина Ременски. Добила и пари од фирмата на Амзоски, на личната сметка, за кои изнајмила и сеф. Наместо да ги стави во сефот, дел од парите претворени во девизи дала на првообвинетиот Бојан Јовановски, а дел задржала, како хонорар за нејзината работа.
Ерцеговиќ имала средби со ексградоначалникот на Карпош, Стефан Богоев, поранешната градоначалничка на Битола, Наташа Петровска и со бизнисменот Силјан Мицевски, кој во просториите на Меѓународниот сојуз бил заедно со експратеникот Александар Кирацовски.
„Локацијата за градење во Битола била со платени комуналии од „Г.П. Пелистер“ со намена за семејно домување, станови. Во консултации со општината, но и како што ме информираше Бојан, тогашниот премиер Заев и екс министерот за транспорт, Сугарески, се проверуваше дали може да се смени намената за старечки домови. Покрај сугестијата на Наташа Петровска и нејзиниот помошник, Слободан, да се гради, а потоа да се направи пренамена, ние не го сторивме тоа. Баравме локации кои ни ги посочија дека се слободни за градење“ – Јасна Ерцеговиќ.
Ерцеговиќ посочи и дека за се тоа што го кажува пред судот, имала и докази. Тоа се преписки преку нејзината електронска пошта.