Со обвинението, Камчев доби и нов притвор

Бизнисменот Јордан (Орце) Камчев доби нов 30-дневен притвор, одлучи Основниот кривичен суд во Скопје по предлог на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Барањето за притвор следува со обвинението кое денеска е поднесено за случајот „Плацови на Водно“, во кој вкупно се обвинети 6 лица.
Притвор доби и експремиерот Никола Груевски кој ќе стапи на сила при негова евентуална достапност за македонските органи.
Од останатите обвинети, мајката на Камчев, Ратка Куновска Камчева доби мерки на претпазливост: одземање на бугарскиот и македонскиот пасош и обврска еднаш неделно да се јавува во судот.
Ненад Јосифовиќ, исто така доби обрска да се јавува во судот.
Сашо Мијалков, пак, веќе се наоѓа во притвор за предметот „Трезор“ каде неодамна беше осуден на неправосилна казна затвор од 8 години.
Обвинението за „Плацови на Водно“ се однесува на купување и прекривање на вистинскиот сопственик на трите атрактивни парцели на Водно преку фирма од Белизе, како и уште еден плац во центарот на Скопје, два стана во главниот град и две парцели во Крушево.
На сите, според обвинителството, вистински сопственик е експремиерот Никола Груевски, а се купени со пари кој тој ги земал од донации во ВМРО-ДПМНЕ.