Собранието се распушти, отворен патот за избори
Пратениците со 108 гласови „за“, без против и воздржани донесоа одлука за распуштање на Собранието на Република Северна Македонија. Тие претходно ги донесоа законите за Јавно обвинителство, за Советот на јавни обвинители, како и законот за одбрана за кој беше потребно двотретинско мнозинство.
Со распуштањето на Собранието отворен е патот за одржување на превремените парламентарни избори на 12 април, како што беше договорено минатата година од лидерите на најголемите политички партии на средбата кај претседателот Стево Пендаровски.
На седницата за распуштањето, последен говореше претседателот на Собранието Талат Џафери, кој рече дека и покрај програмската опредлба на партијата ДУИ од каде припаѓа, по неговото именување се обврзал функцијата да ја извршува независно од партијата.
„Верувам дека сите одлуки кои сме ги донеле во овој Парламент, сме ги донеле во интерес на нашите граѓани“, рече Џафери додавајќи дека доколку постојат грешки во неговата работа, ги направил без намера.
Јован Митревски – координаторот на пратеничката група на владејчката СДСМ, на седницата за распуштањето на парламентот рече дека овој парламентарен состав се соочил со многу кризи, но дека донел значајни одлуки кои ја дефинирале иднината на државата и нејзниот напредок, потсетувајќи дека само пред неколку дена бил ратификуван протоколот за членството во НАТО.
„Нашата држава ја вративме на прав пат, од земја во излоација ја направивме пример во регионот која ја поддржува целата меѓународна заедница“, рече Митревски.