МЕДИАЦЕНТАР

Нова страница за информации

Сервер: Не е мудра изјавата на Дачиќ за организирана поддршка на изборите за Трамп

Американскиот експерт за Балканот, Даниел Сервер, изјави дека „не е мудра“ неодамнешната изјава на српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ за поддршка на американскиот претседател Доналд Трамп на следните избори, објави Радио Слободна Европа (РСЕ).

– Очигледно, Дачиќ смета дека има пријатели во сегашната администрација и сака да ги поддржи. Но, сè што постигна, е следниот американски претседател од редот на демократите, Дачиќ и евентуално Србија да ги смета за непријатели. Значи, ова воопшто не му беше мудро – предупреди Сервер.

Тој додаде дека „голема е грешка да се најавува сојуз со една или друга американска политичка партија затоа што секогаш постои реална можност за промена на власта“.

– Така што, ако го сторите тоа, тогаш мора да бидете подготвени да очекувате последици ако победи партијата што не ја поддржувате – изјави Сервер.

Според него, Американците сега ќе бидат многу повнимателни околу прашањето за влијанието врз изборниот процес за време на следните претседателски избори.

Поранешниот функционер на Пентагон задолжен за Балканот, Мајкл Карпентер ја критикуваше изјавата на Дачиќ како обид за мешање во внатрешните работи на САД.

Дачиќ пред три дена изјави дека ќе организира Срби кои живеат во САД за да ја формализираат поддршката за Трамп на претседателските избори во земјата.

– Како министер за надворешни работи, јас ќе организирам формализирање на поддршката за Трамп на следните избори. Србите во Америка секако гласаат за Трамп. Ако го направиме тоа паметно, ако ги обединиме тие гласови, ќе создадеме подобра позиција во новата администрација – рече Дачиќ, кој потсети дека во САД живеат 650.000 Срби, како и дека истото тоа го сториле Албанците кога ги обединиле гласовите на нивната дијаспора.

Ве молиме следете не и стиснете лајк:
error
fb-share-icon
Copyright © Sekerko All rights reserved. | Newsphere by AF themes.
Social media & sharing icons powered by UltimatelySocial