МЕДИАЦЕНТАР

Нова страница за информации

Секоја година се помалку првачиња и празни училници и клупи

Прилеп учебната година ја започнува со околу 130 првачиња помалку од лани. Од предвидените околу 800, настава ќе посетуваат само 664. Само во ООУ „Добре Јованоски“ се запишани 50 ученици помалку. Наставниците велат дека се премногу загрижени за овој тренд на иселување, затоа што секоја година бројката на ученици во класовите е се помала, а доколку продолжи вака ќе мора да има и отпуштање од работа на наставниот кадар.

„Ние како директори сме загрижени заради оптимализацијата која може да се направи во паралелките и да се изгубат работни места на колегите. Кога се прави оптимализација, оптималниот број на ученици се става во една паралелка и тогаш се губат паралелките и остануваат наставниците без работа. Во нашето училиште тоа не беше пример, но од оваа година јас сум сериозно загрижена и за колегите и за моето работно место“, вели Панде Николоска, директорка на ООУ „Добре Јованоски“ – Прилеп.

За стопирање на миграцијата наставниците сметаат дека се потребни системски промени, затоа што не секогаш парите биле причина за иселувањето, туку сеопштиот хаос во системот.

„Повеќето луѓе заминуваат странство не поради тоа што не се финансиски спремни, туку поради тоа што не функционира системот во државата. Мислам дека тоа една од главните причини, здравство имаме никакво, образование во реформи кои еден ги почнува, друг ги продолжува, трет нови почнува и така ние наставниците сме изгубени низ тие лавиринти кои ни се наметнуваат и талкаме. Учебници има стигнато, но не за сите одделенија, шесто одделение нема учебници и трето одделение нема учебници, а во другите одделенија по некои учебници се стигнати. За некои имавме од претходната година, но и тоа ќе биде тешко“, додаде Николоска.

Општината пак како еден од обидите за стопирање на овој процес воведе бесплатен оброк за сите првачиња, стипендии за талентирани ученици и 20 стипендии студенти од социјално ранливи категории.

„Локалната самоуправа се погрижи за прв пат да обезбеди 664 оброци за сите првачиња, одвои од буџетот 3,8 милиони денари кои се доволни да имаат бесплатен оброк со здрава храна“, изјави Борче Јовчески, градоначалник на Прилеп.

„Се однесува на награда, конечно воспоставување на одредени критериуми како децата кои се талентирани во нашиот град ќе бидат стимулирани, иако со скромни средства, но за прв пат канализирано со правилници и се знае точно кои деца добиваат награди“, истакна Дејан Проданоски, претседател на Совет на Општина Прилеп.

Но според експертите ваквите мерки нема да ги задржат граѓаните во Македонија. Без големи системски промени и зголемување на економската моќ иселувањето ќе продолжи, а бројот на ученици ќе се намалува со огромна брзина секоја година

Ве молиме следете не и стиснете лајк:
error
fb-share-icon
Copyright © Sekerko All rights reserved. | Newsphere by AF themes.
Social media & sharing icons powered by UltimatelySocial