Русија ја одржа воената парада по повод Денот на победата над фашизмот
За Путин, настанот е особено значаен во пресрет на националното гласање на 1 јули за контроверзните измени на уставот со кои ќе се отвори вратата рускиот лидер да остане на власт до 2036 година
Русија денеска ја одржа претходно одложената воена парада на Денот на победата во Москва со претседателот Владимир Путин во обид да ја зацврсти поддршката пред референдумот што може да го отвори патот за негово продолжено владеење.
Парадата по повод поразот на нацистичка Германија во 1945 година во Втората светска војна традиционално се одржува на 9 мај.
Путин неволно го одложи настанот до 24 јуни поради пандемијата на коронавирус. Датумот се совпаѓа со 75-годишнината од првата советска парада за Денот на победата во 1945 година.
За Путин, настанот е особено значаен оваа година бидејќи е пред националното гласање на 1 јули за контроверзните измени на уставот со кои ќе се отвори вратата за рускиот лидер да остане на власт до 2036 година. Тоa гласање беше закажано за 22 април, но исто така беше одложено поради пандемијата.
Од доаѓањето на власт пред две децении, Путин настојува како претседател или премиер да ги врати симболите на советското и руското минато за да го зајакне патриотизмот.
На 14 јуни, нова катедрала на руските вооружени сили беше осветена во Москва за да се одбележи 75-годишнината од крајот на, како што рече Кремљ , „Големата патриотска војна“, конфликт во кој загинаа повеќе од 20 милиони советски војници и граѓани.
Но, спектаклот на воената моќ на Црвениот плоштад во Москва – во кој учествуваа околу 14.000 војници од 13 држави, повеќе од 200 историски и модерни воени возила и 75 авиони – беше засенет од пандемијата на коронавирусот.
Повеќето трупи на парадата беа од Русија. Учествуваа, исто така, сили од Азербејџан, Ерменија, Белорусија, Кина, Индија, Казахстан, Киргистан, Молдавија, Монголија, Таџикистан, Туркменистан и Узбекистан.