МЕДИАЦЕНТАР

Нова страница за информации

РСЕ: Антикорупциска ќе испитува по кои критериуми „Групер“ на ексминистерката Ангеловска добил помош од антикризните мерки

Критериумите ќе покажат дали е оправдано доделувањето на помошта, односно дали компанијата за онлајн-трговија имала реална потреба од таква помош или ги добила поради други неосновани причини, објаснуваат од ДКСК

Антикорупциската комисија работи врз предмет на владините прв сет мерки како помош за компаниите погодени од ковид-кризата, меѓу кои е и онаа што ја доби компанијата во која како косопственик се јавува сега ексминистерката за финансии Нина Ангеловска.

Од Антикорупциска комисија за Радио слободна Европа изјавиле дека се истражуваат начините односно критериумите според кои се доделувала економската помош за исплата на плати на фирмите.

Според податоците од алатката за транспарентност „Отворени финансии“, фирмата „Вебспот“ ДОО, која стои зад платформата за онлајн-трговија групер.мк., за три месеци од  државата добила помош за исплата на плати од вкупно 11 илјади евра.

Во оваа фирма довчерашната министерка за финансии Ангеловска, според податоците од Централниот регистар со кои располага РСЕ, фигурира како еден од тројцата сопственици и основачи на групер.мк со учество во основачкиот влог од 2 600 евра.

Критериумите ќе покажат дали е оправдано доделувањето на помошта, односно дали компанијата за онлајн-трговија имала реална потреба од таква помош, или ги добила поради други неосновани причини, објаснуваат оттаму.

Ова е втор висок функционер за кој Антикорупциската отвора постапка за делот на доделување на првиот сет економски мерки. Во истиот предмет се истражува и за компанијата на во која поранешниот вицепремиер Кочо Анѓушев е дел од сопственичката структура „Брако“ која, исто така, користеше дел од овие мерки.

Од компанијата „Вебспот“ за РСЕ велат дека фирмата секогаш работела согласно со законските прописи. Оттаму велат дека тој принцип на работење го запазиле и во врска со примената на мерката за исплата на плати.

„Финансиската поддршка за исплата на плати на работниците беше условена и неселективна антикризна мерка која важеше за сите компании кои ги исполнуваат јавно објавените услови“,

се вели во писмениот одговор до РСЕ.

Од ВМРО-ДПМНЕ денеска уште еднаш го повикаа ЈО да отвори предмет за доделувањето на ваква помош за фирмата на Ангеловска и за фирмата „Еленица“, за која велат дека е семејна фирма на Заев, а Заев и Ангеловска да ги вратат парите.

„Имаме основано сомнение дека во случајот е извршено кривичното дело – злоупотреба на службената положба и овластување од чл. 353 ст. 5 од Кривичниот законик со што е сторена штета на средствата од Буџетот, што се казнува со казна затвор од најмалку 4 години. Го повикуваме ЈО да го истражи случајот и во најбрз можен рок да изврши дејствија во насока на враќање на парите кај граѓаните. Недозволиво е да се мешаат јавниот и приватниот интерес и премиерот и министерот за финансии да си делат пари од буџетот со кој треба да управуваат, во интерес на целата држава и народ“,

изјави денеска портпаролот Наум Стоилковски.

Заев вчера, одговарајќи на новинарско прашање при посетата на Стопанската комора, изјави дека секоја фирма во државата може да конкурира за добивање помош од антикризните мерки доколку трпи последици од ковид-кризата.

Ве молиме следете не и стиснете лајк:
error
fb-share-icon
Copyright © Sekerko All rights reserved. | Newsphere by AF themes.
Social media & sharing icons powered by UltimatelySocial