РЕПОРТЕРИ БЕЗ ГРАНИЦИ ГО ПРОГЛАСИ ОРБАН ЗА НЕПРИЈАТЕЛ НА СЛОБОДАТА НА МЕДИУМИТЕ
Унгарскиот премиер Виктор Орбан стана прв лидер на една држава од Европската Унија кого организацијата Репортери без граници (РСФ) го прогласи за „непријател на слободата на медиумите“.
„Откако Виктор Орбан и неговата партија Фидес дојдоа на власт во 2010 година, тие чекор по чекор ги ставија медиумите под своја контрола. Јавните сервиси се централизирани во државниот медиумски холдинг МТВА, кој ја вклучува и единствената унгарска новинска агенција МТИ. Регионалните медиуми се целосно во сопственост на бизнисмени блиски на Орбан од 2017 година. Во есен 2018, речиси 500 провладини медиумски компании се споија во холдинг компанија, чие известување е централно координирано“, се вели во соопштението на Репортери без граници.
Унгарија се најде на 92. место на последната листа од 180 држави според Светскиот индекс за слободата на медиумите на РСФ.
„Орбан ги напаѓа медиумите со предаторски методи, кои вклучуваат политичко-економски измами, дискредитирање и самоцензура. Омилена цел му се независните медиуми“, вели РСФ.
Според едно истражување од декември 2020, луѓето блиски до Орбан поседуваат половина од 88-те влијателни медиуми во Унгарија. Од дневните весници, единствено таблоидот „Блик“ е финансиски независен од владата.
На листата се наоѓаат 37 лидери на држави кои безмилосно ја сузбиваат слободата на медиумите на особено драстичен начин. Покрај Орбан, тука се и бразилскиот претседател Жаир Болсонаро, саудискиот принц Мохамед бин Салман, премиерката на Хонгконг, Кери Лам и белорускиот лидер Александер Лукашенко.