Пуштен од притвор синот на Гадафи
Либиските власти го ослободија Сади Гадафи, синот на поранешниот либиски лидер Моамер Гадафи, откако помина седум години во затвор во Триполи по екстрадицијата од Нигер, соопшти назначениот премиер на Либија, Абдул Хамид Мохамед Дбеиба.
Тој на „Твитер“ напиша дека Гадафи е ослободен во согласност со соодветна судска наредба.
Портпаролот на либиската преодна влада Мухамед Хамуда изјави дека Гадафи бил пуштен од затворот „Хадаба“ во Триполи, каде судење чекаат бројни претставници на владата на Гадафи.
Тој не ги наведе околностите под кои Гадафи бил ослободен од притвор.
Повеќето службеници на поранешната администрација чекаат судење главно за обвиненија поврзани со бунтот во 2011 година, кога беше соборен и убиен Моамер Гадафи, потсетува АП.
Локалните медиуми наведуваат дека Сади Гадафи е ослободен од обвиненијата од времето на државниот удар во Либија.
Тој во тоа време беше командант на специјалните сили, кои учествуваа во судирите со демонстрантите и бунтовниците.
По ослободувањето, тој отпатува за Турција, според веб-страницата ал-Марсад.
„Не можеме да одиме напред без помирување“, рече Дбеиба. Неговата влада има задача да ја води земја до изборите кои треба да се одржат оваа година.
Сади Гадафи во 2011 побегна во Нигер. Тој три години подоцна беше екстрадиран во Либија.