МЕДИАЦЕНТАР

Нова страница за информации

Пратениците на СДСМ ќе гласаат за замрзнување на прогресивниот данок

Пратеничката група на СДСМ нема да го послуша екс министерот за финансии Драган Тевдовски и ќе гласа  „ЗА“ замрзнување на прогресивниот и враќање на рамниот данок.. Според парламентарците од владејачката партија со ваквото гласање нема да отстапат од социјалдемократската политика. Тврдат дека со градење социјална еднаквост и фер општество продолжува политиката која ја практикува СДСМ. Тевдовски пред два дена им порача на пратениците на СДСМ, дека доколку гласаат „ЗА“ одложување на прогресивниот данок, слободно можат да го отстранат терминот „социјалдемократски“ од името на партијата.

„Фер е да им се каже на граѓаните, дека системот не е подготвен за оваа реализација, дека треба да се работи дополнително на зголемување на даночниот морал на обврзниците. Треба да ги имаме и законските можности кои ги даваат соседите, и во таа насока не за укинување, туку за одложување на примената на прогресивниот данок“, рече Јован Митрески, координатор на СДСМ.

По смената од министерското место на Драган Тевдовски сега е и очекувано да се случи ваков популистички потег на Владата, коментира политичкиот аналитичар Александар Кржаловски. Но, дали станува збор за умилкување пред избори, Кржаловски вели дека  ќе мора да се проверат аргументите на двете страни. Според него, власта тврди дека епилогот е лош, но Тевдовски и неговиот советник Бранимир Јовановиќ уверуваат дека се собрале повеќе од првично проектираните средства за  годинава.

„Јас прогресивниот данок малку поинаку го подразбирам, да нема ограничување, туку ако некој заработува повеќе да не биде дополнително оданочен туку пропорционално на тоа што заработува. Да биде иста стапката, но нормално ако заработуваш повеќе придонесот ќе биде поголем. А, тоа функционира до четири просечни плати, и потоа кај нас има лимит и натаму не се оданочува. Не гледам зошто да не се оданочува. Ако некој заработува 10 илјади евра зошто на сите не се оданочува, исто како и сите други“, вели Кржаловски.

А, поранешниот министер за финансии на СДСМ Никола Поповски во чие време на сила беше прогресивен данок, за „Независен весник“ вели дека ова е крајно десничарски потег на Владата и се надева дека е подготвена да ги сноси последиците од преземањето на ваквиот чекор.

„СДСМ, всушност, презема мерки што ги преземаат само крајно десничарски влади. Само да потсетам, рамен данок со пропорционална стапка и за најбогатите и за најсиромашните, и во исто време многу ниска стапка, не овозможува соодветно финансирање“, вели Никола Поповски, универзитетски професор.

Замрзнувањето на прогресивното оданочување во следниве 36 месеци, владата го образложи како мерка која не ги дала посакуваните резултати. Даночната реформа иако беше едно од главните предизборни ветувања на социјалдемократите беше воведено со една година задоцнување, а не издржа ниту 12 месеци. Сега преку измени на Закон ќе се враќа старото решение на рамен данок односно целиот доходот ќе се даночи со 10 отсто, а не како досега до 1.500 евра со оваа стапка, а над оваа сума со 18 отсто.

Ве молиме следете не и стиснете лајк:
error
fb-share-icon
Copyright © Sekerko All rights reserved. | Newsphere by AF themes.
Social media & sharing icons powered by UltimatelySocial