МЕДИАЦЕНТАР

Нова страница за информации

Почна изборната трка: ВМРО-ДПМНЕ традиционално тргнува од Охрид, СДСМ од Битола, ДУИ од Гостивар…

Денеска започна изборната кампања за локалните избори 2021 закажани за 17 октомври и ќе трае до 15 октомври на полноќ. Политичките партии и независните кандидати повикаа на фер, демократска и позитивна промоција и ги започнаа своите активности иако најголем дел од кандидатите за градоначалници и советници во изминатиов период веќе имаа неформални средби со граѓаните и претставување на своите програми на социјалните мрежи.

Централниот настан на карванот „Најдоброто за твојата општина“ предводен од СДСМ започнува вечерва со митинг на плоштадот пред Центарот за култура во Битола. Утре карванот е во скопските општини Чаир и Кисела Вода, по што ќе следува предизборна конвенција на кандидатот за градоначалник и листата за советници за Град Скопје. Карванот своите активности ги завршува на 15 октомври со голем граѓански настан во Куманово.

ВМРО-ДПМНЕ кампањата за локалните избори ја води под слоганот „Создади нова иднина“, ја започнува со собир во Античкиот театар во Охрид, а ќе ја заврши во Штип. Вечер претставување на програмата во Скопје ќе има и независната кандидатка за градоначалник на Скопје Данела Арсовска под слоганот „За модерно Скопје“, која е поддржана од најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ.

Движењето „Одлучно за промени“ на политичките партии ЛДП и ДОМ, кое излегува со 17 кандидати за градоначалници на овие избори, започнува со официјална промоција вечерва пред МОБ, а потоа останатите денови до крајот на неделата ќе посетат повеќе општини низ земјава: Виница, Берово, Крива Паланка, Радовиш, Струмица, Крушево, Прилеп, Кичево, Демир Хисар.

Левица попладнево со отворање на канцеларија во скопската населба Тафталиџе го означува стартот на кампањата. ДУИ на овие избори оди со 19 кандидати за градоначалници и 35 листи за советници, а кампањата денеска ја започнува во Гостивар, каде ќе има и завршно обраќање.

Беса изборната кампања под слоганот „Со сè”, ја започнува вечер во Скопје со собир на отворено пред салата „Борис Трајковски“. Алијанса за Албанците/Алтернатива кампањата ја започнува во Гостивар.

ДИК, претходно, потврди 300 листи за градоначалници и 576 за советници. Меѓу градоначалничките кандидати има 26 жени, а најмногу кандидати – 12 ќе се борат за градоначалник на Скопје. Распоредот на кандидатите на гласачкото ливче со жрепка беше утврден на седница на ДИК и веќе е утврден и изгледот на избирачкото ливче за локалните избори. Од поголемите партии, на Единствената листа на кандидати, Демократската унија за интеграција е под број 3, Алијанса за Албанците под број 5, ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Обнова на Македонија“ под број 7, Социјалдемократскиот сојуз на Македонија под број 9, Алтернатива под број 10, Демократската партија на Албанците под број 11, БЕСА под број 16…

Доколку оценат дека има некакви прекршувања во кампањата, подносителите на листи можат да поднесат приговор за непочитување на одредбите за изборната кампања. Народниот правобранител ги потсетува граѓаните дека во неговата канцеларија функционира бесплатна телефонска линија 0800 54321, на која граѓаните ќе можат да пријават каква било повреда на нивните права, како за време на одржување на изборната кампања, така и на деновите на одржување на првиот и вториот круг од локалните избори 2021.

Право на глас на овие избори имаат 1.824.864 граѓани. Кампањата ќе биде набљудувана од страна на претставници на Мисијата на ОБСЕ/ОДИХР, како и други организации. Рокот за акредитација на набљудувачи за изборите завршува на 6 октомври. Вториот круг од локалните избори ќе се одржи на 31 октомври, а кампањата за втор круг ќе трае до 29 октомври на полноќ.

Ве молиме следете не и стиснете лајк:
error
fb-share-icon
Copyright © Sekerko All rights reserved. | Newsphere by AF themes.
Social media & sharing icons powered by UltimatelySocial