Пораст на заразени од корона во Албанија

Бројот на заразени од коронавирус во Албанија се искачи на 23. По извршените прегледи во последните 24 часа, позитивни се уште осум други лица. 3 во Тирана, 2 во Драч, 2 во Елбасан и 1 во Рогожин.
“Во текот на последните 24 часа, тестирани се 145 случаи на КОВИД-19 и тестирани се вкупно 298 случаи. Досега, 23 случаи се позитивни за КОВИД-19. Од нив, 5 се во Инфективната болница во Тирана, 3 случаи се заразени од првиот идентификуван со КОВИД-19, друг случај е 31-годишен жител на Тирана кој патувал во Италија и 45-годишна жена од Рогожнин која исто патувала во Италија. Нивната здравствена состојба е стабилна, додека 18 други случаи кои се покажаа како позитивни се без клинички знаци, самоизолирани дома без посебни проблеми”, рече Мира Ракацоли, заменик-министер за здравство.
Баровите и рестораните долж булеварот во Валона се затворени . Од утрово, армиски и полициски сили се распоредени на неколку клучни локации во Валона, Лушње и Скадар и Елбасан..
Албанскиот премиер Еди Рама преку фејсбук објави дека ќе биде забрането возење на приватни возила почнувајќи од петок до недела на полноќ во осум области во земјата, Тирана, Драч, Скадар, Лежа, Елбасан, Лушња, Фиер и Валона. Сообраќајот на овие територии ќе биде отворен само за амбулантни возила, возила кои вршат функции на државни служби и за оние кои превезуваат стока. Рама рече дека овие екстремни мерки за ограничување на слободата на движење се неопходни за да се заштитат секој граѓанин, секое семејство и самата Албанија од агресивната ескалација на нападот на коронавирусот.
Банките во Албанија одлучија да ја замрзнат исплатата на кредитите во времетраење од три месеци. Одлуката ќе важи и за поединците и за приватните фирми. Одлуката е донесена во согласност со мерките за да се спречи ширењето на коронавирусот со цел да се избегнат редиците во банките и да се избегнат можните контакти.
Седум нови случаи на коронавирус се потврдени и во Србија,со што бројот на заразени се искачи на 19 . Владата ги забрани јавните собири, а зголемени мерки за хигиена се спроведуваат во училиштата, градинките и јавниот превоз.
Зголемувањето на бројот на жртвите од коронавирус во Италија ја принуди Владата да преземе драстични мерки за да не се шири понатаму епидемијата. Полицијата патролира по улиците, и контролира дали се почитуваат новите правила.
Во Грција е регистрирана првата жртва од коронавирус. Станува збор за 66-годишен маж кој бил заразен од коронавирусот по неговото враќање во Израел. Од утринава, под карантин е и Траект кој патувал од Кавала за Пиреа, откако член на екипажот се пожалил на висока темпертаура. Во бродот има 378 патници и 77 членови на екипажот.
И додека бројот на заразени од коронавирусот се зголемува во речиси сите европските земји, властите во Кина изјавија дека официјално завршил врвот на појавата на коронавирусот. Денес само 15 нови случаи се регистрирани низ цела Кина. Провинцијата Хубеј, која беше епицентарот на вирусот, регистрираше само 8 нови случаи со „Ковид-19“. Ова е првпат покраината да регистрира помалку од 10 заразени за еден ден, јавува Би-Би-Си. Бидејќи бројот на заболени е намален, властите внимателно почнаа да ги олеснуваат ограничувањата на движењата на луѓе и стока.