ПОМИЛУВАЊА НА ПЕНДАРОВСКИ
Петмина затвореници, меѓу кои и Абдулфета Алими, поранешен член на обезбедувањето на Собранието, добија целосно или делумно помилување од шефот на државата Стево Пендаровски.
Со одлуката која од вчера е на сила, на Алими му се скратува затворската казна за осум месеци. Тој и стана познат на јавноста, откако беше осуден на шест години затвор, под обвинение дека помогнал во отворањето на собраниските врати во настаните од 27 април. Контроверзиите околу пресудата дојдоа по сведочењето на лидерот на Алијанса Зијадин Села, дека токму Алими му го спасил животот по крвничкото претепување во Собранието.
Но, тоа не го спаси од казна. Во дополнителното образложение, од кабинетот на Педаровски велат дека Алими ги исполнувал условите предвидени со Законот за помилување и воспоставената пракса. За ВМРО-ДПМНЕ оваа одлука е селективна и оттаму побараa помилување за сите осудени од настаните на 27 април.
Од кабинетот на шефот на државата велат дека селективност нема и дека одлуката нема врска со настаните од 27 април.
– Секоја молба за помилување се разгледува поединечно. Со делумното ослободување од извршувањето на неиздржаната казна затвор на лицето Абдуљфета Алими, претседателот не донесе одлука за околностите и настаните од 27 април, туку одлука за индивидуалната молба поднесена од Алими. Претседателот никогаш не одлучувал селективно, така било до сега, така ќе биде и од сега.
Од петтемина кои добија помилување од Пендаровски, само на Александар Петровски целосно му се укинува казната затвор. За ова лице се проширија информации дека бил учесник во странски војски, но од кабинетот на претседателот ги демантираат гласините. Шефот на државата има право на редовни и групни помилувања. За редовните се одлучува по барање на осудениците, а групните се случуваат два пати годишно – на 2 Август и на Нова година.