Со пораки за добрососедство и под засилени мерки на безбедност, во центарот на Скопје отворен новиот објект на бугарскиот културно-информативен центар.. .
Под силно полициско обезбедување, затворена улица за минувачи, големо медиумско внимание и кратки говори во кои се потенцираше дека културата треба да ги зближи двата народа, бугарскиот културно-информативен центар и официјално ги отвори новите простории во строгиот центар на Скопје. Министри, историчари и амбасадори, повеќето гости од Бугарија. Како претставник од македонската Влада дојде министерката за култура Костадиновска-Стојчевска. Покрај пораките дека со ваков центар треба да се зајакне добрососедството, таа и нејзиниот колега од Бугарија Минеков ги прокоментираа провокациите од бугарска страна.
„Дали клубовите Ванчо Михајлов и Цар Борис Трети ги зближуваат двата народа?
-Тоа вие ќе го оцените. Денеска ги зближуваме двата народи и за тоа сум многу среќен. Вие ќе го одредите тоа, но денеска сум многу среќен од тоа што се случува.
„Денеска тука беше пратеник кој тврди дека Македонија е втора бугарска држава. Дали тоа за вас не е провокација?
-Секој политичар треба да сноси одговорност за она што го изјавува. Таквите изјави се најмалку европски и воопшто не одат во прилог на еден ваков убав настан како овој денеска.
Откако церемонијата заврши, пред медиумите се појави и контроверзниот бугарски пратеник и лидер на партијана “Преродба”, Костадинов, кој недомана двапати доби вербални ноти од македонското МНР за иредентистичките изјави дека “Македонија е втора бугарска држава”. Не се извини, туку одново ги повтори радикалните ставови, убедувајќи ги новинарите дека сме еден народ кој зборува ист јазик.
„Да не бидеме лицемери, јас не ве терам вас да се чувствувате Бугари, така ли е? Така е. Од ваша страна, не не терајте нас да ја искривуваме вистината и да лажеме. Нема да лажеме. Јас ќе ви кажам уште еднаш. Да, Бугарија и Македонија се две држави кои треба да бидат една. Две држави се, да. Еден народ кој треба да биде од Црно Море до Охридско Езеро. Тоа ви го велам. Никако нема да ја окупираме Македонија, се окупира туѓа земја. Јас не се чувствувам тука како да сум во туѓа земја. Каков Путин, нема Путин тука. Тоа се наши взаемни односи, на еден јазик говориме.
Канал 5 побара одговори од Министерството за надворешни работи, дали овојпат ќе реагираат на скандалозната изјава на Костадинов, но одговор оттаму до овој момент не добивме. Претходно од македонското МНР побараа и бугарските институции и политичари да се оградат и да го осудат говорот на омраза кој содржи и територијални претензии, но оттаму реакција имаше само за изјавите на европратеникот Џамбаски.