Планот на Џонсон за попуштање на мерките наиде на критика од опозицијата
Британскиот премиер, Борис Џонсон, ќе ги објави деталите на планот за рестартирање на економијата кога претходно тој претстави конфузен нацрт на тој план.
Обраќајќи ѝ се на нацијата, Џонсон рече дека карантинот нема да се укине, но охрабрува дел од населението да се врати на работа, иако премиерите на Шкотска, Велс и на Северна Ирска ги повикаа граѓаните да се придржуваат кон постојните одредби да не излегуваат од дома.
Тој рече дека физичката активност ќе биде дозволена, некои фабрички работници ќе може да се вратат на работа, а училиштата делумно ќе се отворат во јуни.
Владата ќе објави 50 страници детаљни упатства во 15 часот по средноевропско време, рече денес министерот за надворешни работи, Доминик Рааб.
Обидот на Џонсон да ги претстави насоките за ублажување на мерките предизвика несогласување од страна на конститутивните делови на Велика Британија и критика од опозициските партии, кои тврдат дека насоките се збунувачки за јавноста.
Лидерот на најголемиот британски синдикат, Лен Меккласки, рече дека Џонсон ја збунил јавноста.
„Милиони луѓе ќе бидат целосно изненадени утрово“, рече тој.
Владата ја замени паролата „Останете дома“ со нова порака „Останете подготвени“. Опозицијата го критикува новиот слоган велејќи дека е двосмислен.
Премиерката на Шкотска, Никола Старџон, изјави дека единствено ќе им дозволи на луѓето да вежбаат повеќе, а другите мерки нема да ги ублажува.