Осуетен планот за атентат на српскиот претседател: Вучиќ добил список со седум лица кои му спремале ликвидација
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, во сабота вечерта се обрати до јавноста по обелоденувањето на веста дека бил подготвуван атентат врз него. Според Вучиќ, можни причини за планираниот атентат е борбата против наркокартелите во Србија, но и потребата да се дестабилизира земјата.
„Направивме многу со големите апсења на наркокартелите во Србија и тие сега не можат да функционираат ако немаат поддршка од одредени државни структури. Тука не станува збор за 10 милиони евра, туку стотина милиони и милијарди евра. Јас никој од тие лица, чиишто седум имиња ги добив, ни сум видел, ни сум чул. Не постои лична работа. Исто така дестабилизација на Србија би можела да биде во интерес. Тоа се некои од можните причини“, изјави Вучиќ во интервју за ТВ Пинк.
Многу прашање се отворија по откривањето на информацијата дека е планиран атентат на српскиот претседател Александар Вучиќ, кој требало да се изврши во првата половина на февруари годинава. Бегалецот на црногорскиот кавачки клан Радоје Звицер беше идентификуван како личноста која стои зад тоа, но, во српската јавност и политички кругови се наметнаа прашањата: кој друг е вклучен во планирањето на оваа криминална операција, од која земја и со какво политичко влијание?
Веста за планирање на атентат врз Вучиќ ја обелодени српскиот министер за внатрешни работи Александар Вулин, кој рече дека за постоењето на организирана криминална група која подготвувала атентат врз Вучиќ, алармирале од Европската полиција на 14 јануари. Еуропол ги известил српските служби дека зад операцијата стојат лица од т.н. Кавачки клан кој оперира од Црна Гора.
На чело на таа криминална организација е црногорскиот државјанин Радоје Звицер, за кого Србија веќе има распишана потерница и кој е организатор и еден од водачите на Кавачкиот клан. Звицер се товари за шверц и илегална продажба на наркотици, но и организирање и нарачување на повеќе убиства на територијата на Црна Гора и други земји, рече Вулин.
Истрагата ќе утврди дали атентатот врз Вучуќ била изолирана идеја на Радоје Звицер, или затоа што добил налог. Дотогаш, припадниците на МУП и БИА за секоја информација ќе го информираат Обвинителството за организиран криминал, но и во соработка со воено разузнавачките структури ќе направат се за зачувување на нашиот уставен поредок – порача Вулин.
Српската јавност во последните години неколкупати беше информирана за наводните подготовки за атентат на Вучиќ. Последната од серијата информации беше објавена во октомври 2021 година од страна на премиерката Ана Брнабиќ, која рече дека убиството на Вучиќ, наводно, било подготвено на откривањето на споменикот на Стефан Немања претходно на почетокот на истата година во Белград. Провладините медиуми тогаш тврдеа дека Вучиќ го чуваат „повеќе од 850 специјалци“. Четири години претходно, во октомври 2016 година, во шума недалеку од куќата на родителите на Вучиќ во предградието на Јајинци беше откриено оружје, за кое се тврдеше дека е дел од подготовките за атентатот на Вучиќ и неговиот брат Андреј. Резултатите и статусот на овие истраги се уште се непознати за јавноста.
Атентаторот познат и за македонската јавност
Радоје Звицер за првпат во Македонија се спомена лани, кога опозицијата го обелодени скандалот со над 200 фалсификувани пасоши, кои биле доделени на криминалци и нарко босови во регионот и пошироко. По информацијата дека врз српскиот претседател бил планиран атентат, опозициската ВМРО ДПМНЕ обвини дека Радоје Звицер, кој е обвинет од Европол дека подготвувал обид за атентат врз српскиот претседател, имал македонски пасош издаден од МВР. Од ВМРО ДПМНЕ истакнаа дека освен симболична казна за неколку службеници во МВР, кои треба да бидат колатерална штета, нема одговорност за вистинските организатори на ваквата мрежа за издавање на македонски пасоши. Од МВР реагираа дека ВМРО ДПМНЕ ширела дезинформации. Тврдат дека на Звицер не му издале пасош, а за аферата дека била судски расчистена, виновниците осудени, а сите фалсификувани патни исправи се поништени во управна постапка и не се валидни, односно не можат да се користат.