Орбан: Не сакаме пари од ЕУ, ако условот е откажување од законот
Унгарија не сака да прифати пари од специјалниот фонд на Европската Унија за помош за надминување на последиците од пандемијата, доколку условот е Будимпешта да се откаже од законот со кој се забрануваат информациите за хомосексуалноста во школите, кажа унгарскиот премиер Виктор Орбан.
Одлуката на унгарската влада е објавена во Службен весник.
Во Унгарија на почетокот на месецот на сила стапи закон врз основа на кој во школите е забранета употреба на материјали кои се оценети како промовирање на хомосексуалноста и промената на полот.
Европската комисија минатата недела почна правна постапка против Унгарија, чија влада ја обвини дека ги крши правата на ЛГБТ популацијата.
Во декретот на унгарските власти се наведува дека Европската комисија го одложува одобрувањето на планот за обнова на Будимпешта поради „своето политичко противење на националниот закон за заштита на децата“.
„Унгарија ќе прифати само договор во кој Европската комисија не ѝ наметнува услови на Будимпешта кои не ги применува врз останатите членки“, се наведува во декретот.
Неколку илјади Унгарци учествуваа вчера во годишната Парада на гордоста во Будимпешта за да изразат поддршка на ЛГБТ заедницата и несогласување со новиот закон со кој се забранува прикажување на ЛГБТ содржини на помладите од 18 години.
Орбан, чија влада во 2022 ја очекуваат парламентарни избори, тврди дека прашањата како правата на ЛГБТ заедницата се внатрешно прашање на националните влади и најавува дека ќе распише референдум за новиот закон за кој тврди дека не е насочен против хомосексуалците, туку целта е да се заштитат унгарските деца и родители.