Нова страница за информации

Одбрана на мнозинството или оставка на Заев, што ќе донесе собраниската седница в четврток?

Ако на Владата ѝ е изгласана недоверба, претседателот на Владата до Собранието поднесува оставка во рок од 24 часа, во спротивно ново прашање за доверба не може да се постави во наредниот период од 90 дена, освен ако го поднесат најмалку 61 пратеник

В четврток треба да се одржи собраниската седница на која Владата на Зоран Заев ќе помине низ тест на доверба, по вторпат оваа година, но овој пат по иницијатива на опозицијата, за разлика од март годинава, кога самиот премиер побара во парламентот да биде потврдена мнозинската поддршка за неговиот кабинет.

Според собранискиот Деловник, седницата треба да се одржи третиот ден од денот на поставување на прашањето за доверба на Владата, за што рокот почнува да тече од наредниот ден од денот на поставување на прашањето. Со оглед на тоа што опозицијата го поднесе барањето денеска, тоа значи дека четврток е денот кога ќе се види дали опозициските партии, засилени со Беса, и на самото место – во собраниската сала – имаат апсолутно мнозинство за уривање на Владата. Тоа ќе се знае уште истата вечер, односно, како што е наведено во Деловникот, по истекот на третиот ден од денот на поставувањето на прашањето за доверба.

Иако прашање за доверба на Владата можат да постават најмалку 20 пратеници, Александар Николоски од ВМРО-ДПМНЕ изјави денеска дека иницијативата е доставена во парламентот со потписи на точно 61 пратеник.

Откако опозицијата објави дека ја поднесува иницијативата, затоа што Заев досега не ја поднесе оставката што ја најави на 31 октомври, премиерот се огласи на Фејсбук, наведувајќи меѓу другото:

Нашата кауза е и граѓанска и државничка. Знам дека зад таа кауза како бедем гордо стојат мнозинство од нашите граѓани и мнозинство од нашите пратеници“.

Собранискиот Деловник предвидува и можност за повлекување на прашањето за доверба на Владата – до почетокот на седницата на Собранието на која треба да се расправа на таа тема. Доколку, пак, има расправа, по поставеното прашање за доверба се води претрес. Право да го образложи прашањето за доверба на Владата има еден од пратениците што го поставиле прашањето, во траење од најмногу 30 минути. Редоследот на пратениците по пратенички групи и пратеници што не се организирани во пратеничка група, а кои ќе учествуваат во претресот се определува во договор на претседателот на Собранието со координаторите на пратеничките групи пред почетокот на седницата. Пратеникот во текот на претресот може да говори повеќе пати во траење од вкупно 15 минути, а координатор на пратеничка група вкупно 20 минути.
Ако на Владата ѝ е изгласана недоверба, претседателот на Владата до Собранието поднесува оставка во рок од 24 часа од изгласувањето на недовербата. За изгласаната недоверба на Владата и за поднесената оставка, претседателот на Собранието веднаш го известува претседателот на државата, затоа што почнува да тече рокот од 10 дена за доделување на мандатот за состав на нова влада.
Според Уставот, пак, одлуката за изгласување недоверба на Владата се донесува со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. Ако ѝ е изгласана недоверба, Владата е должна да поднесе оставка. Владата на која ѝ е изгласана недоверба, која поднела оставка или на која мандатот и престанал поради распуштање на Собранието, останува на должност до избор на нова влада. Повторно прашање за доверба на Владата не може да се постави пред истекот на 90 дена од последното гласање за доверба, освен ако прашањето го постави мнозинството од вкупниот број пратеници.
Please follow and like us:
fb-share-icon

About Post Author

Copyright © Sekerko All rights reserved. | Newsphere by AF themes.
Social media & sharing icons powered by UltimatelySocial