Објавена порака од 2013: Млади Русинки го масирале британскиот принц во стан на педофилот Епстајн
Британскиот принц Ендрју бил виден во станот на починатиот милијардер Џефри Епстајн, како добива масажа на нозе од млади девојки, се дознава од размената на електронски пораки меѓу пиблицистот Џон Брокман и писателот Евгениј Морозов.
Брокман во електронска пошта тврди дека се запознал со Епстајн и го нарекува милијардер и научен добродетел кој отсекогаш бил дарежлив кога станува збор за донации во литературата, пренесува британски „Гардијан“.
Епстајн се самоуби на 10 август во затвор во Њујорк додека чекаше судење за сексуална злоупотреба на деца.
Во една статија во магазинот „Њу рипаблик“, Морозов објаснува дека има намера да ја прекине соработката со Брокман заради неговите врски со Епстајн.
Тој потоа ја наведува нивната меѓусебна електронска кореспонденција од 2013 година во која алудира на масажата што ја добил принцот Ендрју.
Брокман досега не ја коментираше статијата на Морозов во која е обелоденета содржината на преписката.
Во неа Брокман пишува: „Последниот пат кога бев во неговата куќа, а тоа е најголема приватна резиденција во Њујорк, тој носеше тренирки, а до него беше еден Британец во одело, чии нозе ги масираа две убаво облечени млади Русинки. Откако неколку минути ме измачуваше зборувајќи за компјутерската безбедност, Британецот по име Енди ги коментираше потезите на шведските власти и обвинувањата против Џулијан Асанж“.
Во продолжение на пораката Брокман на Морозов му пишувал како Енди се жалел на недостаток од приватност со кој се соочува секогаш кога ќе се појави во јавност и всушност тој тогаш сфатил дека пред него е британски принц.
„Во Монако Алберт работи 12 часа на ден, но во 21 часот излегува и никој не се занимава со неговите приватни работи. Ако јас направам така ќе бидам во голема неволја“, му се пожалил принцот на Брокман.
Бакингемската палата засега не ја коментира содржината на оваа електронска порака, иако претходно имаше извештаи дека принцот бил шокиран кога дознал за злоделата на Епстајн и дека принцот Ендрју во никој случај не е поврзан со нив.
Откако детално ја опишал содржината на пораката на Брокман, написот во „Њу рипаблик“ Морозов го завршува со зборовите: „Подготвен сум целосно да престанам со соработката со Брокман и неговата агенција сè додека тој не ми ги објасни причините за одржување на контакти со Епстајн“