Обвинителите: Тачи призна, па порекна, дека бил на место на злоупотреба на затвореници

Поранешниот командант на ОВК, Хашим Тачи, во јануари годинава им призна на обвинителите на Судот за злосторства на ОВК во Хаг дека бил присутен на локација каде што затворениците на ОВК биле затворани и злоупотребувани и дека тој знаел дека се претепувани. Но во еден подоцнежен разговор, во јуни, негираше сѐ.
Ова е наведено во документот со кој обвинителите кон крајот на јули побарале од судијата на претходна постапка Никола Гијуо дозвола за да се донесат дополнителни докази против Тачи, обвинет за злосторства против Албанци, Роми и Срби во незаконски притвор на ОВК во Косово и Албанија, 1998-1999 година.
Обвинителите го доставија како доказ преписот од сослушувањето на Тачи на 13 и 14 јануари 2020 година.
„Во тој разговор, Тачи, меѓу другото, призна дека бил присутен во (изменетата локација) време на притвор и злоупотреба (сменети имиња на затвореници), како и дека знаел дека (сменети имиња на затвореници) биле претепани“, се вели во документот на обвинителството, од кој на 18 ноември беше отстранета ознаката за тајност.
Во истиот разговор, Тачи, според обвинителите, потврдил и дека Генералштабот на ОВК издал одредено соопштение.
Сепак, Тачи го демантираше сето ова во следниот разговор со обвинителите, од 13 до 16 јули, кој се одржа по барање на неговиот бранител, откако кон крајот на април, главниот обвинител Џек Смит објави дека поднел обвинение против Тачи и Кадри Весељи.
Во тој разговор, Тачи, според обвинителите, „дал цела низа наводни ‘појаснувања’ во врска со претходниот разговор и одговарал на дополнителни прашања од обвинителството“.
Тогаш Тачи ја „образложил“ својата претходна изјава за она што тој го знаел „за настаните во (…), тврдејќи прво дека само бил свесен за обвинувањата во врска со (…), а потоа дека не бил информиран дека ним им е нанесено зло и дека, во секој случај, тој открил дека ним ништо не им се случило“.
Според документот на обвинителот, Тачи тврдел и дека „кога му било кажано дека се случуваат лоши работи, тој тоа го поврзал со бомбардирањето од страна на Србија, а не со (…)“.
Тачи, исто така, им тврдел на обвинителите дека „она што му било кажано дека се случило, всушност не се случило“. „Во повеќекратно, обемно порекнување, Тачи, меѓу другото, тврдеше дека во ОВК не постоела разузнавачка служба, дека ниту Генералштабот на ОВК, ниту привремената влада (на Косово) никогаш не функционирале, туку постоеле само на хартија“, се вели во соопштението на обвинителството.
Според обвинителите, негирањата на Тачи во вториот разговор „очигледно се неверојатни“ и не треба да им се верува, бидејќи тие „се во директна спротивност со доказите“.
Во посебен документ, обвинителите посочија и дека Тачи, во интервју за приштинскиот весник Зери на 1 април годинава, „излажал“ дека не бил испрашуван пред Хашкото обвинителство.