МЕДИАЦЕНТАР

Нова страница за информации

Нухиу не вовел двојазични униформи во полицијата, туку пратил предлог-акти на мислење во владиниот Секретаријат за законодавство

Уредбата со која се уредува изгледот на униформите и ознаките на полицијата ја носи Владата, што, пак, е основа за министерот за внатрешни работи да го донесе Правилникот

Нухиу денеска потпишал само пропратно писмо со кое предлог-текстовите на Уредбата и на Правилникот ги пратил на мислење во Секретаријатот за законодавство на Владата. Евентуалното усвојување на Уредбата од Владата е чин што треба да се случи во иднина

Полициските амблеми и униформи од денеска стануваат двојазични, јавија претпладнето многу медиуми, пренесувајќи ја фејсбук-објавата на привремениот министер за внатрешни работи, Агим Нухиу.

„Потпишавме нормативни акти за амблеми на полициските униформи на албански јазик (сообраќајна полиција, гранична полиција, хеликоптерска полиција, одделенијата за специјални задачи…)“,

напиша Нухиу на Фејсбук.

Неколку часа подоцна МВР издаде соопштение со кое го дообјасни министерот Нухиу, но како и во многу објави од нашите институции, главната информација беше кон крајот на соопштението, па многумина и ја промашија.

А, таа гласи:

„…Изготвени се текстови на Уредба за изменување и дополнување на Уредбата за униформата и ознаките на униформата на Полицијата и Правилник за изменување и дополнување на Правилникот за носењето, времето на траење и распределбата на униформата и ознаките на униформата. Имајќи го предвид изнесеното, информираме дека објавата на министерот Нухиу се однесува на потпишување на актите кои треба да се достават до Владата. Имено, Уредбата за изменување и дополнување на Уредбата за униформата и ознаките на униформата на Полицијата ја носи Владата на Република Северна Македонија, а по нејзиното донесување се носи Правилникот за изменување и дополнување на Правилникот за носењето, времето на траење и распределбата на униформата и ознаките на униформата од страна на министерот за внатрешни работи“,

пишува, меѓу другото, во соопштението од Министерството.

Поедноставено, создавањето правна основа за воведување двојазични униформи во полицијата (што произлегува од Законот за употреба на јазиците) се уште не е завршено. Чинот на Нухиу може да се смета за иницијација на тој процес, иако државната секретарка во МВР, Магдалена Несторовска, вели дека во работната група во Министерството, која работела на текстовите на Уредбата и Правилникот, има поделени мислења за опсегот на двојазичноста на униформите. Ќе се чека мислењето на Секретаријатот за законодавство.

Ве молиме следете не и стиснете лајк:
error
fb-share-icon
Copyright © Sekerko All rights reserved. | Newsphere by AF themes.
Social media & sharing icons powered by UltimatelySocial