Нова страница за информации

Николовски: Првпат имаме европска програма за финансиска поддршка во земјоделството

Владата на денешната седница ја усвои програмата за финансиска поддршка во земјоделството за оваа 2022 година. Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, на денешната седница изјави дека новата програма е производ на опсежни анализи на искористеноста на средствата земајќи го предвид развојниот ефект на субвенциите и отстранувањето на можноста за нивна злоупотреба.

Со годинешната програма првпат се врши усогласување со политиките на Европската Унија преку воведување пилот-мерка во овоштарството за линеарна субвенција и авансна исплата на субвенциите за почеток за секторот овоштарство. Оваа мерка е по основ на европската мерка decoupling, која подразбира линеарна исплата за обработлива земјоделска површина независно од културата, објаснуваат од Министерството.

„Новитет е што исплатата за оваа мерка ќе се врши во тековната година, во периодот од септември 2022 година до декември. Да биде појасно, сите овоштари ќе добијат авансно 12.000 денари од вкупната сума колку што изнесува основната субвенција во тековната година, односно кога им се најпотребни во екот на бербата, а остатокот од основната субвенција ќе се исплати следната година како и досега. На пример, ако за еден хектар јаболков насад вкупната поддршка е 50.000 денари, 12.000 денари ќе му бидат исплатени авансно во тековната година, а остатокот од 38.000 денари ќе се исплатат до мај следната година како и досега. Практично, со овој модел овоштарите ќе имаат две исплати“, изјави Николовски.

Додава дека ваквиот начин на субвенции во согласност со европските регулативи е предвиден во 2023 година да се воведе и за другите мерки од површина, односно за полјоделство, градинарство и лозарство. За успешна реализација на овие мерки ќе се измени Законот за земјоделството и руралниот развој, со кој ќе ѝ се овозможи на Платежната агенција да врши 30 отсто авансна исплата пред завршувањето на административните контроли и контролите на терен.

Усогласувањето со заедничката земјоделска политика на ЕУ подразбира и промена на домашната законска регулатива. Поточно, ќе се донесат три клучни закони за усогласување на националните политики со политиките за земјоделство на ЕУ, односно закон за директни плаќања, закон за рурален развој, закон за уредување на пазарите.

Николовски посочи дека за да се добие прецизна слика за ефектот од субвенциите, годинава ќе се спроведе детаљна анализа со вклучување на сите стручни и професионални капацитети што ги има државата, од која ќе се добијат податоци за креирање на понатамошните земјоделски политики и првпат точно ќе се знае кои култури се стратешки и дали ќе има потреба за дополнително финансирање.

Поради порастот на трошоците за нафта кај земјоделските култури, во новата програма е предвидено зголемување на финансиската поддршка за мерката зелена нафта.

Министерот Николовски потенцира дека се воведуваат мерки со кои се спречува злоупотреба на субвенциите, нешто што беше забележано како слаба точка, целта е субвенциите да завршуваат кај вистинските земјоделци.

Please follow and like us:
fb-share-icon

About Post Author

Copyright © Sekerko All rights reserved. | Newsphere by AF themes.
Social media & sharing icons powered by UltimatelySocial