Нереди и апсења во Франција: Протестираа против полициска бруталност, завршија во притвор
Деведесет и пет лица се уапсени, од кои речиси половината – 42 во Париз, а од денеска 25 лица се во притвор, меѓу кои и двајца малолетници.
Ова е епилогот од вчерашните нереди кои избија за време на протестите против полициската бруталност и предлог-законот за безбедност кој забранува снимање на полицајци.
Како што јавуваат француските медиуми, демонстрантите фрлале предмети, а полицијата возвратила со солзавец.
Поголемиот дел од приведените во полиција се за „учество во група за вршење насилство“, додека едно лице се сослушува за „намерно насилство врз лице кое извршува службена должност“.
На улиците во повеќе француски градови по вчерашните протести останаа изгорени автомобили, искршени клупи и оштетени излози.
Министерот за внатрешни работи Жералд Дарманин соопшти дека 67 полицајци и жандарми – од кои 48 во Париз – биле повредени за време на демонстрациите, на кои учествувале околу 52 000 демонстранти низ целата земја.
Тој ги осуди протестите и оние „кои ја разбиваат Република“.
„Закон за безбедност – не. Социјално осигурување – да“, извикувале вчера демонстрантите, барајќи тавка од министерот Дарманин.