Нека ни е честит 11 Октомври, Денот на востанието на македонскиот народ!
Почитувани граѓани,
На одбележувањето на нашиот најсветол државен празник, на Денот на востанието на македонскиот народ, со гордост се потсетуваме на почетокот на антифашистичката борба, која започна на 11 октомври, во 1941 година.
Пред точно 79 години, во Прилеп македонските партизани го извршија првиот организиран напад над мрачните фашистички сили, напад по кој во сите градови и села отпочна сенародната вооружена борба за слобода на Македонија. По победата над фашистите, на Првото заседание на АСНОМ, во 1944 година, во манастирот „Св. Прохор Пчински“ беа донесени повеќе решенија, со кои беа поставени темелите на македонската држава.
Со учеството во антифашистичката борба, македонскиот народ докажа дека е високо разумен, дека ги почитува различностите и човековите права, и дека е на вистинската страна, на страната на слободата, еднаквоста и правдата.
Благодарение на партизаните и на останатите учесници во антифашистичката борба, денеска имаме држава во која, без разлика на верската и етничката припадност, меѓусебното разбирање и почитување се секојдневие. Имаме држава која оствари дел од целите, држава која е членка на Обединетите нации, држава која оваа година стана 30 членка на Северно атлантската алијанса НАТО и држава која посветено работи кон остварување на целта, побрзо да стане членка на Европската унија, на Унијата која носи подобар живот.
Нека ни е честит 11 Октомври, Денот на востанието на македонскиот народ!