На вториот круг од претседателските избори, ќе се гласа и за нов пратенички состав?!
На вториот круг од претседателските избори, граѓаните ќе гласаат и за нов пратенички состав. Премиерот прифаќа двојни избори во мај и иако денеска не го прецизираше датумот, неофицијално, за ова веќе ја известил и опозицијата, преку работната група која работи на изборните прашања.
Пресвртот следи откако коалиционите партнери од власта, ДУИ и Алијанса за Албанците,излегоа со став дека го прифаќаат предлогот на ВМРО ДПМНЕ, изборите да бидат споени.
Ковачевски негираше дека ги разубедуваат ДУИ да се откажат од идејата за технички премиер Албанец, велејќи дека имаат јасен коалициски договор. Сите кадровски решенија, вели, ќе бидат споделувани со јавноста како што ќе се носат од официјалните партиски тела.
Целта им е предизборна европска коалиција која ќе предводи широк фронт, а во која сакаат да им се приклучат и Алијанса за Албанците, кои засега инсистираат на тоа, да одат сами на избори.
Во моментов течат разговорите за финализирање на Изборниот законик и се очекува набрзо да се дојде до целосно усогласено законско решение.