МЕДИАЦЕНТАР

Нова страница за информации

Мизрахи: Кој го тепал дедо ми, администратори или окупатори? Заев: Можам да бидам поголем квази патриот од вас

Што беа Бугарите во Втората светска војна, окупатори или администратори? Ова е едно од прашањата на денешната собраниска седница кое пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ го упатија до премиерот Зоран Заев.

Пратеничката Рашела Мизрахи на говорницата излезе со фотографии од членови од своето семејство, кои, како што рече, за време на Втората светска војна биле товарени во воз од бугарскиот фашистички окупатор, однесени во логорот Треблинка и таму убиени, а жив останал само нејзиниот дедо. Таа покажа и фотографии од Страшо Пинџур, Мирче Ацев и Благој Јанков-Мучето и го праша Заев „дали тие беа тепани и убиени со пенкало или со оружје од бугарскиот фашистички окупатор?“

„Дали господине Заев се уште стоите на ставот дека Бугарија во времето на Втората светска војна била администратор на Македонија,а не фашистички окупатор оти мојата фамилија не е отепана со пенкало, дали уште стоите на ставот дека бугарските војски ги ослободувале Крива Паланка, Куманово и Скопје, свесни ли сте дека со изјавата за БГНЕС дека Петрич и Струмица зборат на ист јазик дали е бугарски или македонски сте на иста линија со негаторските политики на нашиот источен сосед со кои се негира постоењето на македонскиот јазик и негово сведување на нормата на бугарскиот јазик, па по тоа дали зборувате на македонски или на бугарски јазик и ако говорите на македонски јазик, тогаш дали петричкиот дијалект е дијалект на македонскиот јазик?“, праша Мизрахи.

Тој ѝ одговори дека Бугарија не била администратор во Македонија, била окупатор заради одлуката на тогашната власт и администрација во Бугарија, но „која денеска не ни дава за право да негуваме непријателски чувства кон целиот бугарски народ и бугарска држава. Фашист ги убил сите овие за кои вие зборувате, но не може да обоите цела една нација дека е фашистичка“.

„Покажувајќи слики на мои македонски херои, мои македонски сограѓани, кои за време на фашистичката окупација ги изгубија своите животи вие се трудите веројатно да ме поврзете со тоа што го зборувате, но преку вашите зборови вие исполнувате само ваш личен политички интерес. Вие немате злоба во тоа, затоа што сте од семејство кое страдало за време на фашизмот, како и многу други македонски семејства, вклучително и моето“, рече Заев.

Според него, прашање е дали сега треба да зборуваме со наратив кој ќе ги повредува соседите и дали е тоа „опционата перспектива за нашата земја“.

„Јас можам да бидам 10 пати поголем квази патриот од вас, да се удирам во градите со однапред подготвени дискусии, ама мојот народ треба да седи во балканското сивило додека сите други народи ќе одат напред. Мора да зборуваме со европски јазик. Но тоа не значи дека се откажуваме од минатото. Тоа е нашата гордост, нашата тага, но и извор на нашата сегашност и иднина. Европа е создадена од пепелот на фашизмот и со горчината на изгубени цели генерации“, одговори Заев.

Тој уште кажа дека народниот херој Благој Јанков од Струмица бил предаден од пет македонски семејства кај кои се криел и потоа бил убиен од фашистичкиот окупатор.

„За тоа ли ќе зборуваме. Фашизмот е карактеристика на поединецот а не на цели нации. Нашиот народ не треба да заборава, ниту да простува, но треба да ја градиме иднината. Не можете да зборувате за цели нации – Бугарија, Германија, цела Италија. Не зборувате за Германија. Каде беше таа цело време. Нив ги уби фашист“, додаде Заев.

Ве молиме следете не и стиснете лајк:
error
fb-share-icon
Copyright © Sekerko All rights reserved. | Newsphere by AF themes.
Social media & sharing icons powered by UltimatelySocial