Меркел и Макрон разговараа за повторно отворање на границите
Германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Емануел Макрон разговараа за можностите за повторно отворање на границата меѓу двете земји, јавуваат германските медиуми.
Според информациите на медиумската мрежа Хаупштат брифингс, Меркел и Макрон во понеделникот вечер разговарале по телефон за можни отстапки во прекуграничниот сообраќај меѓу Франција и Германија.
„Се разговараше за тоа како да се донесат правила што ќе важат подеднакво за државјаните на обете земји“, мрежата цитираше неименуван извор.
Портпаролот на германската влада Штефен Зиберт во вторникот потврди дека германската канцеларка и францускиот претседател разговарале за европските прашања.
Со недели важи правилото по кое странски државјани во Германија можат да влезат само од оправдани деловни причини. Така, влез им е дозволен на возачи на камиони, медицински персонал или на лица кои работат од едната, а живеат од другата страна на границата.
Со специјална дозвола им е дозволен влез во Германија на сезонските земјоделски работници од Романија и Полска.
Таквиот режим вреди на границите кон Полска, Чешка, Австрија, Швајцарија, Луксембург, Белгија, Холандија и Данска.
Министерот за внатрешни работи Хорст Сехофер донесе мерка според која таквиот режим на контрола на шенгенските граници останува до 15 мај.
Некои сојузни покраини, особено оние со висок прекуграничен сообраќај, како Северна Рајна-Вестфалија, која граничи со Холандија и Белгија, со денови вршат притисок врз министерот за внатрешни работи да ги укине ограничувањата на прекуграничниот сообраќај.