МЕДИАЦЕНТАР

Нова страница за информации

Меркел го притисна Борисов – очекува решение за Македонија!

По точно петнаесет години кандидатски статус за членство во Европската Унија, Македонија како честитка за неславниот јубилеј доби запечатена блокада од Бугарија за почеток на ветените преговори до крајот на годината, но и акт на неверство кон државата и македонските граѓани од ЕУ во целост со прифаќањето на бугарските барања од страна на Унијата. Бројните заложби на еден од клучните актери во процесот – Берлин како претседавач со ЕУ изминатите шест месеци, се сведоа на надеж на главната фигура – германската канцеларка Ангела Меркел дека „во блиска иднина” ќе бидат надминати прашањата со Македонија. Ваквите неодредени квалификации веќе многу малку му значат на македонскиот народ, дури и ако доаѓаат од страна на Меркел, откако веќе неколку пати земјава славеше за датум за почеток на преговорите, а и добивањето на кандидатскиот статус на 17 декември 2005 година беше прославено на скопскиот плоштад. Оправдан е стравот уште колку години тапкање во место пред портите на ЕУ може да значи таа „блиска иднина” на Меркел.

Германската канцеларка во Бундестагот одговараше на критиките на пратеникот од нејзината партија ЦДУ, Гинтер Крихбаум, во врска со неуспехот на германското претседателство со ЕУ да ги започне преговорите со Македонија до крајот на оваа година, како што беше ветено. Крихбаум оцени дека со неуспехот да почнат преговорите со Македонија, јавноста уште еднаш била сведок на злоупотребата на позицијата на една земја – членка против една земја кандидат со наметнување на билатерални барања. Меркел само кратко одговори дека повторно разговарала со Борисов.

Германската амбасадорка во Скопје, пак, Анке Холштајн во интервју за „Дојче веле“ најави дека темата за проширувањето дефинитивно веќе се сели во рацете на следното португалско претседателство со ЕУ, а потоа и на словенечкото.

Амбасадорите на земјите членки на ЕУ, во средата попладне ги усвоија заклучоците за проширување со Западен Балкан, откако германското претседателство предложи нов текст кој го вклучува барањето на Бугарија и во нацрт-текстот беше вметната реченицата „погрешно толкување на историјата“.

Оваа реченица не се наоѓа во пасусот од документот кој се однесува само на Македонија, туку е вметнат во преамбулата на текстот во параграфот посветен на регионалното помирување, иако се однесува директно на земјава. Иако беше дадена начелна согласност за заклучоците за проширувањето на ЕУ, вчера Чешка и Словачка ги блокираа заклучоците. Тие оцениле дека овој текст не е задоволителен. Како што пренесе МИА, Словачка бара повеќе време за да се согласи, додека Чешка предлага да не се усвојат заклучоците. Овие земји сметаат дека премногу и се попуштило на Бугарија и дека со вметнување на оваа реченица се нарушува кредибилитетот на ЕУ кон земјите-кандидати и идни кандидати, но и кон процесот на проширување.

Во овој момент е сосема нејасно кои се опциите на маса за земјите членки во однос на овие заклучоци. Германското претседателство има рок до 31 декември да изнајде решение.

Но, дури и ваквите заклучоци не претставуваат откочување на преговарачката рамка со Македонија, која Бугарија и натаму ја блокира, исто како и потпишувањето на договорот на Македонија за Фронтекс.

Македонската Влада, коментирајќи ги заклучоците на Комитетот на постојани претставници (КОРЕПЕР) изрази разочарување што ЕУ не најде начин да донесе позитивна одлука за усвојување на преговарачката рамка. Од Владата истакнаа дека Бугарија го потврди ветото, изневерeни се европските вредности и очекувањата на македонските граѓани, но порачуваат дека земјава ќе продолжи да гради добрососедски односи и да ги спроведува европските стандарди.

Ве молиме следете не и стиснете лајк:
error
fb-share-icon
Copyright © Sekerko All rights reserved. | Newsphere by AF themes.
Social media & sharing icons powered by UltimatelySocial