МЕДИАЦЕНТАР

Нова страница за информации

Македонија ги слави двата Илиндена – повици за обединување и заедничка борба против Ковид 19

Под маски, на дистанца и со кратка церемонија во Скопје, владина делегација предводена од премиерот Оливер Спасовски го чествуваше празникот Илинден. 

Чествувањето започна пред споменикот на Слободата – „Сила, Слава и Победа“, а мотото оваа година гласи „Победа за сите“.

Во својот говор премиерот Спасовски победа го нарече влезот на Македонија во НАТО. Рече дека како дел од моќното семејство на НАТО, Северна Македонија станала фактор за стабилност во регионот и земја во која граѓаните и децата имаат сигурна иднина. 

„Во остварувањето на оваа цел Македонците, Албанците, Турците, Власите, Србите, Ромите, Бошњаците и сите други остваруваа и ги делеа заеднички победите кои ни ја овозможија денешната Република Северна Македонија – држава членка на НАТО, земја на пат за членство во ЕУ, земја која меѓународната заедница ја прогласи за најуспешната приказна на Западен Балкан во последните три години. Ова се резултати на победи на сите нас“ – рече Спасовски.

Победа за премиерот се и Договорите со Грција и Бугарија, со кои според Спасовски, Македонија покажала дека умее да ги зачува и спроведе начелата на илинденците и да подаде рака за соработка кон соседите.  

„Го совладавме и тоа и извојувавме уште една победа за сите. Во духот на нашите илинденци подадовме рака за соработка со нашите соседи и ја стекнавме нивната доверба. Преку овој отворен пристап се реализираа Договорот од Преспа со Грција и Договорот за добрососедство со Бугарија. Благодарение на овие договори Северна Македонија од лош пример се претвори во успешна приказна и светла точка на Балканот“ – рече техничкиот премиер.

Својот говор Спасовски го заврши со заклучокот дека државата направила пресврт што и бил потребен и оцени дека успешно се справува со сите предизвици како и заканите од пандемијата со коронавирусот.

Ве молиме следете не и стиснете лајк:
error
fb-share-icon
Copyright © Sekerko All rights reserved. | Newsphere by AF themes.
Social media & sharing icons powered by UltimatelySocial