Курти ги преполови платите на целата косовска влада
Косовскиот премиер Аљбин Курти и министрите во неговата влада одлучија да ги намалат своите плати за 50 отсто во обид да демонстрираат дека новата влада сака да ги сузбие големите разлики во месечните примања на Косово.
Претходникот на Курти Рамуш Харадинај пред две години си ја зголеми платата за речиси 100 отсто од 1.500 на 2.950 евра, во потег кој предизвика жестоки критики во земјата каде една третина од населението е невработена. На неговите министри месечните примања им беа исто така значителни зголемени.
„Предлагам да ја поништиме одлуката на претходната влада и да ги вратиме платите на претходните износи“, кажа Курти пред кабинетот да ја одобри неговата одлука.
Курти за време на минатогодишната изборна кампања вети дека ќе ги намали платите на премиерот и министрите и дека ќе се залага платите на Косово да бидат поизедначени доколу неговата партија Самоопределување победи на изборите.