Коста и Урош пукале на исто стрелиште
Момчето кое со пиштолот на својот татко минатата недела уби осум ученици и чувар во ОУ „Владислав Рибникар“ во Белград не се кае. Тој е во изолација на Клиниката за неврологија и психијатрија за деца и млади, пишуваат српските медиуми.
Според истите извори, момчето не побарало никаков контакт, ниту пак побарало да се види со родителите. Директорката на основното училиште „Владислав Рибникар“, каде што се случи масовното убиство, Снежана Кнежевиќ, изјави дека како и досега се води од моралот и дека сака достоинствено да завршат сите процеси во оваа посебна ситуација.
„Знам дека должност на секој што е на чело на јавна институција е да комуницира со медиумите, а особено сега. Да им се обрати, но ние сме во ситуација во која досега никој не бил. По ваквите настани, немав време да се занимавам со невистините што се појавија во медиумите.“ – вели Снежана Кнежевиќ директорка на основното училиште „Владислав Рибникар“.
Малолетникот кој го изврши масакрот во основното училиште во Белград и масовниот убиец од Младеновац пукале на исто стрелиште. Полицијата испитува дали се познаваат. Министерката за здравство на Србија, Даница Грујичиќ изјави дека по пукањето кај Младеновац во шок соба се сместени две ранети момчиња, додека девојчето рането во основното училиште „Владислав Рибникар“ се уште е во многу тешка состојба.
„Три момчиња се веќе дома, а девојката, која претходно беше во тешка состојба, и сега е во истата состојба. Ученикот со повреда на цервикалниот ‘рбет е целосно буден, почна да се движи, значително подобра му е левата рака и се надеваме дека полека ќе се подобрува и дека ќе закрепне.“ – вели Даница Грујичиќ министерка за здравство на Србија.
Изминативе денови во Србија се пријавени повеќе од 120 инциденти поради закани од ученици, како и објавување несоодветни содржини на социјалните мрежи, а за само еден ден на одделот за детска невропсихијатрија во Белград биле примени четири деца. Српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ изјави дека постои закана од политизација на масовните убиства во Србија, дека ја почитува оставката на министерот за образование Бранко Ружиќ, но не и дека ја поддржува оставката на остатокот од владата.
„Јас сум последниот човек на светот кој треба тоа да го прашате, никогаш не сум за оставка, секогаш сум за борба.“ – вели Ивица Дачиќ министер за надворешни работи.
Инаку, почна разоружувањето во Србија, а според податоците од Службата за сузбивање на криминалот за еден ден се предадени околу 1.400 парчиња оружје, околу 45.000 парчиња муниција и околу 100 парчиња минско-експлозивни направи.
