Карантин за Тетово, Сарај, Чаир, Гази Баба ако продолжи непочитувањето на мерките
Повторно ќе се воведат таргетирани и локализирани рестрикции доколку состојбата со бројот на новозаболени тоа го наложи, но засега ситуацијата само се следи и тоа не се прави поради стабилноста на здравствениот систем и познатите кластери на зараза, изјави министерот за здравство Венко Филипче на денешната прес-конференција, откако последните неколку дена бројот на новозаразени е зголемен.
Официјално: 52 новозаболени со ковид-19, четири лица починаа
Повторно воведување полициски час не е веќе опција, туку евентуални карантински мерки по примерот на Дебар, кои би биле како крајна мерка, но откако ќе се анализираат податоците и од следните неколку дена – во текот на викендот и почетокот на следната недела. Според Филипче оваа ситуација е една варијација која не би требало да биде тренд.
Тој како специфични општини каде не се почитуваат мерките ги посочи Тетово и Штип каде се направени контроли, а од Скопје тој посочи неколку општини каде бројот на новозаразени е зголемен: Сарај, Чаир, Гази Баба и Аеродром.
За ова денеска е разговарано на седницата на Комисијата за заразни болести и одлуките би се носеле на почетокот на следната недела.
Во Тетово не се почитуваат никакви мерки
Филипче рече дека причина за зголемениот број на заразени овие денови е непочитување на мерките за заштита, односно масовните собирања и притоа не се носат маски. Како посебни примери ги издвои Тетово и Штип каде по пријави дека не се почитуваат мерките за заштита, направени се контроли при што ситуацијата е загрижувачка.
„Во Тетово не се почитува смаоизолацијата, односно генерално не се почитуваат сите мерки, како маски и растојанието, и ова се однесува и на Тетово и на другите околни места“,
рече Филипче.
За Штип тој го посочи примерот со текстилниот погон каде има 17 заболени и 70 во изолација, а како резултат на непочитувањето на мерките за транспорт и за лична заштита.
„Во автобусите се возат од повеќе конфекции од околните места и притоа не се почитувани мерките за носење маски“,
рече Филипче.
Исто така голем проблем кој веројатно придонесува за ваквата бројка е и тоа што лицата кои се во изолација и самоизлоација не ги почитуваат овие мерки и излегуваат и контактираат со други лица. За ова е задолжен Државниот санитарен и здравствен инспекторат кој ги издава решенијата и треба да ги контролира.
Исто така, проблем е и несоработката на пациентите со епидемиолозите, односно тие несоработуваат во епидемиолошките анкети и даваат погрешни податоци за адреси за да не им бидат доставени решенијата за изолација и самоизолација.
Филипче рече зголемениот број на заразени е во период кога на сила биле рестрикции и затоа побара од МВР поголема контрола и санкции за тие кои не ги почитуваат.