Италија го враќа прашањето за датумот, Макрон доаѓа во Скопје и Тирана следниот месец
Официјален Рим најверојатно ќе го врати на маса прашањето за пристапните преговори за членство на Северна Македонија и Албанија во ноември на Советот за општи работи, објавуваат медиумите.
Според албанскиот портал Ексит Ал, францускиот претседател Емануел Макрон следниот месец доаѓа во Скопје и Тирана на средби со Заев и Рама. Со својата посета, Макрон се чини дека има за цел да им докаже на Албанија и на Северна Македонија дека европската перспектива на овие земји е отворена и дека Франција ќе им помогне да ја постигнат оваа цел. Дипломатски извор во Тирана изјавил дека се уште нема детали за оваа посета бидејќи неодамна било решено за посетата“. Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг на Твитер напиша дека имал телефонски разговор со премиерот Зоран Заев, за да ја реафирмира посветеноста на НАТО за пристапувањето на Северна Македонија.
„Процесот на ратификација е на добар пат и со нетрпение ја очекувам Северна Македонија наскоро да влезе во нашата Алијанса“. – изјави Столтенберг.
Во телефонскиот разговор со Столтенберг, премиерот Заев се заблагодарил за поддршката и истакнал дека земјава останува посветена на заокружувањето на процесот за полноправно членство во Алијансата, а го информирал генералниот секретар на НАТО за резултатите од лидерска средба кај претседателот Пендаровски и за заеднички договорената согласност за организирање предвремени избори на 12 април идната година.
Шефицата на европската дипломатија Федерика Могерини, пак, оценува дека лидерите на ЕУ направиле „историска грешка“ кога не успеале да договорат старт на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија. Под мотото „Европска иднина за Северна Македонија“ пред француската амбасада во Софија мирен собир за поддршка на европските аспирации на земјава. Настанот е организиран од интелектуалци, чии потписи стојат зад декларацијата доставена до Советот на министри.
„Местото на Македонија е во Европа од многу причини – покрај географски, но и културни. И како што е нашето место во Европа, логично е дека Македонија треба да биде во ЕУ, и крајно време е границата меѓу Бугарија и Македонија да биде европска“.
Во меѓувреме, лидерот на Демократската партија на Албанија, Љуљзим Баша, побара неговата земја да го следи примерот на Македонија и да се спроведат избори.
„Европа го одби Еди Рама, не Албанија. Неуспехот е на Еди Рама, не на Албанија. Еден човек не држи заложник сите. Ова треба да заврши“. – изјави Љуљзим Баша.
Во заклучокот од Европскиот Совет на темата „проширување“ стои дека Европскиот Совет ќе се наврати на прашањето за проширувањето пред Самитот ЕУ – Западен Балкан во Загреб во мај 2020 година.