Избрзани решенија за генерирање кризи
Основната правна аксиома, која е темелот на секој правен систем, е дека законот мора да се почитува, односно дека законот е во важност додека не биде заменет со друг закон. Понатаму, правната наука ги осмислува модалитетите на правното функционирање на едно општество, држава, па и на меѓународните односи, со главна идеја сите тие односи да бидат поставени на темелот на праведноста и правото. Работите се компликуваат кога во „формулата за праведност“ на едно општество, освен правото и правдата, треба да бидат „пресметани“ и политичките интереси. Тоа, пак, може да резултира со избрани, непромислени партиски мотивирани одлуки преточени потоа во некакви правни решенија.
Актуелноста во Собранието околу предлог-законот за поништување на лустрацијата и повторното активирање на меѓупартиските антагонизми, за закон што всушност веќе и е укинат. Опозицијата дури и најавува блокирање со амандмани на овој предлог-закон за поништување на лустрацијата, донесен во времето кога сегашната опозиција ВМРО-ДПМНЕ беше на власт. На еден месец пред самораспуштање на Собранието пред избори, овој укинат закон очигледно сѐ уште има потенцијал да продуцира, или барем да најави некаква политичка криза.
– Законот за поништување на лустрацијата имаше смисла ако беше донесен пред две и пол-три години, кога Советот за реформи во судството (во кој бев член, а потоа без објаснување отстранет) го предложи тоа, исто како и преиспитување на судските предмети (односно пресуди) започнати и донесени со политичка мотивација и рекомпонирање на Судскиот совет. За овие три години ништо од тие иницијативи не е спроведено и сега губи смисла ова брзање за поништување на Законот за лустрација пред распуштање на Собранието. За сѐ да има смисла, односно поништувањето на законот да значи и бришење на последиците од него, тоа треба да го донесе парламентот со полн капацитет и полн легитимитет. Секое брзање за носење закони пред крајот на работата на парламентот може да се толкува како политички маркетинг или за политички цели. А тоа е на штета и на кредибилитетот на самите закони, како што е сега Џаконот за јавна администрација, кој е одамна нормиран, но, ете, досега не се најде време во Собранието за негово носење – смета професорот на Правниот факултет при УКИМ, Борче Давитковски.
Исто така, тој потсетува дека поранешната влада всушност донесе
повеќе закони за лустрација, со кои се прошируваше неговиот опсегот на
дејствување, според мислењето на професорот – за да се искомпромитираат
политичките неистомисленици.
Сепак, она што е најконтроверзно кај овој закон е освен што за цело
време на неговата правна важност создаваше политички набој, немаше
никаков придонес за развој на општеството, ниту пак понуди некаква
сатисфакција на жртвите од периодот за кој и беше спроведувана
лустрацијата. Дури и сега, кога се бара тој да биде поништен, и понатаму
предизвикува непродуктивни политички дебати.
Но се чини дека практиката за носење непродуктивни и нефункционални решенија, но со потенцијал за генерирање политички кризи, во Македонија не завршува со овој случај. Друг актуелен пример за тоа е и Законот за употреба на јазиците, за кој и Венецијанската комисија се изјасни дека е нефункционален и неприменлив во администрацијата и судството, но поради политички калкулации се одложува имплементацијата на препораките на Комисијата за ревидирање на овој закон. Исто така, и во економската сфера има интересен сет законски решенија, кои кога беа донесени предизвикаа и политички бранувања, но потоа беа повлечени дури кога се насетуваше наближувањето на изборите. Најкарактеристично во таа економска сфера е повлекувањето на Законот за прогресивен данок, на кој инсистираше Владата, и враќањето на рамниот данок, кој беше проект на претходната влада.
Во тој контекст некако влегуваат и промените на Законот за спречување на перењето пари, односно зголемување на прагот за плаќање во готовина од 500 на 300 евра… Или укинување на законот за пазарите, пред тој да профункционира, но во меѓувреме предизвикуваше бурни реакции кај пазарџиите.
– За жал, имаме „завидна“ практика на носење закони на хартија, а сосема неприменливи. И повторно, за жал, таквите закони се политички мотивирани, зашто со здрава логика тешко дека може да исконструираат такви законски решенија. Како последица на таквите несреќни законски решенија, се продуцираат само политички поделби во општеството, се компромитира правната држава, економијата не функционира и тонеме како држава. Соочени сме со општествена состојба кога политиката е над сѐ, а се покажува дека во такви услови шансите за напредок потонуваат. Сите закони што се носат прекуноќ и избрзано, за задоволување одредени политички интереси, нема да профункционираат, а ќе создадат нездрави односи во општеството – смета Дане Илиев, поранешен претседател на Врховниот суд на Македонија.