МЕДИАЦЕНТАР

Нова страница за информации

Заев со наследникот на чај кај Али, се прецизира премиерската смена

Македонскиот политички јазол полека почнува да се отплеткува по уште еден неуспешен обид за добивање на датум за почеток на преговори со Европската Унија. Премиерот Зоран Заев најави поднесување на оставка на премиерската функција во текот на наредната недела. Тој заедно со својот наследник на премиерската позиција, новиот лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски, попладнето имаат средба со претседателот на ДУИ, Али Ахмети на која се разговара за премиерската промена, како и за разговорите со помалите коалициски партнери за кадровски промени во Владата. Средбата доаѓа по официјалното преземање на Ковачевски на лидерската позиција во СДСМ.

И шефот на државата Стево Пендаровски својот годишен говор во Собранието ќе го одржи во среда, следната недела за кога е најавена оставката на премиерот Заев. Пендаровски по оставката на Заев треба да му додели мандат на новиот мандатар. Согласно Уставот, претседателот е должен во рок од десет дена да го довери мандатот на партијата, односно партиите што имаат мнозинството во Собранието. Мандаторот во рок од 20 дена, од денот на доверувањето на мандатот, на Собранието му поднесува програма и го предлага составот на Владата, стои во Уставот.

Новиот мандатар, лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски, вчера најави промени во раководството на партијата, но сепак ќе останат и дел од актуелните функционери.

„Согласно со процедурите ќе имаме седница на Централен одбор на која ќе ги информирам за разговорите со коалиционите партнери. Планирам да предложам неколку нови членови на ЦО и раководство на партијата кое ќе вклучува членови и на постојното, но и нови лица, изјави Ковачевски.

Дали промените ќе значат и нови имиња на министерските позиции ќе зависи од одлуката на Ковачевски, а за ова е свесен и вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи.

„И пред 18 месеци, пред да се формира новата влада, реков дека ако мандатарот смета оти јас сум доволно спремен да одговорам на задачите секогаш сум подготвен да бидам дел од владата. Оставам и на новиот мандатар да процени дали во неговиот мандат со новата програма мојот профил најдобро ќе се вклопи“, изјави вчера Битиќи.

Градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, смета дека најважно за новиот лидер на СДСМ Ковачевски е да го врати единството во партијата оградувајќи се од претходните ставови на раководството на партијата. Дури потоа тој како иден мандатар на Владата треба да размислува за избор на функционери кои ќе работат во интерес на граѓаните.

„Јас не делувам за да добијам јавна или политичка функција туку делувам во интерес на граѓаните и државата. Мојот политички интерес е многу поголем во однос на државниот и јавниот интерес отколку на политички позиции. Ќе чекам да има оградување на сите претходни ставови на партијата. Ние не можеме да манипулираме со граѓаните. Мора да бидеме искрени со граѓаните, и да им објасниме зошто нашата држава 30 години стагнира во исто место, а политичките партии играат пинг-понг со проблемите на лева и десна страна“, вели Димитриевски.

Премиерот Заев вчера и формално му ја предаде лидерската функција на новиот претседател на партијата Ковачевски. Очекува по формализирањето на оставката наредната недела во Собранието, неговиот наследник како нов премиер да биде Ковачевски, а првиот успех на Владата да е одржување на првата меѓувладина конференција со ЕУ.

„Овие денови завршуваме со консултациите со коалициските партнери. Тоа што можам да го кажам е дека се заокружуваат важни процеси и програмски и владини и кадровски, така да ќе ја донесам одлуката некаде на почетокот на следната седмица и штом ја донесам веднаш ќе соопштам и кога точно ќе биде формализирана пред Собранието, изјави Заев.

Во однос на бугарското вето, Заев не губи надеж дека новата бугарска влада ќе ги даде позитивните реакции. Вели дека македонската страна е на располагање да се допрецизираат деталите со Владата во Софија. Ваквиот оптимизам го дели и пратеникот Кастриот Реџепи кој вели дека според пораката на Советот на Европа се поизвесно е дека се наближува денот кога ќе добиеме датум за започнување на пристапни преговори, можеби уште во јануари. На ваков позитивен јануарски сигнал се надева и Алтернатива.

Заев смета дека не се потребни предвремени парламентарни избори за да може државата, односно економијата да расте и да се развива.

Но, со ова не се согласуваат опозициските партии. Секретарот на Движењето БЕСА, Аднан Азизи посочува дека „Владата е делегитимирана“ и оти „ден поскоро треба да се одржат парламентарни избори“.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека поради тоа што и на вчерашниот Совет на Европската Унија не добивме старт на преговорите Алтернатива треба да излезе од Владата.

„Во однос на учеството на Алтернатива во оваа Влада доколку не добиеме датум очекуваме Алтернатива да излезе од Владата бидејќи главната причина која што ја наведоа повеќе не постои за нивното учество во оваа власт“, додава Наум Стоилковски.

Од Алијанса за Албанците со став дека сите претходни најави за старт на преговори биле измами на власта, па залудни биле сите манипулации за стабилизирање на парламентарното мнозинство, кога само предвремени избори се вистинско решение за излез од кризата.

Ве молиме следете не и стиснете лајк:
error
fb-share-icon
Copyright © Sekerko All rights reserved. | Newsphere by AF themes.
Social media & sharing icons powered by UltimatelySocial