Заев: Прво избор на нови потпретседатели на парламентот, а потоа и на министри
Мандатарот и лидер на СДСМ го најави редоследот според кој ќе се комплетираат новите законодавна и извршна власт
Пред седницата за избор на новата влада, неодамна конституираниот собраниски состав ќе заседава уште еднаш, за да избере нови потпретседатели, а веројатно и за да ги констатира оставките на новоизбраните пратеници кои потоа ќе се најдат во министерскиот список.
Според мандатарот Зоран Заев, по ваков редослед ќе се комплетира новата законодавна и извршна власт во земјава, по изборите на 15 јули.
Заев, во изјава на ТВ21, рекол дека предлогот за новата влада ќе биде доставен кога ќе се изберат потпретседателите на Собранието.
„Прво парламентот мора да го утврди бројот на потпретседателите и да донесе уште некои други одлуки, а исто така треба да го верифицира мандатот на следните пратеници кои доаѓаат од листите. Штом заврши Собранието со сите овие претходни постапки, веднаш ќе го доставам предлогот за Влада и владината програма до парламентот“,
изјавил Заев за ТВ 21 одговарајќи потврдно на прашање дали станува збор за пратеници кои се следни на листите, откако дел од пратениците на кои им е верификуван мандатот беа предложени за министри.
Според последната одлука на парламентот, која беше донесена во претходниот состав, Собранието може да има пет потпретседатели, од кои еден би бил од опозицијата. Сепак, ВМРО-ДПМНЕ во претходниот состав не номинираше потпретседател на парламентот од своите редови. Од четворица потпретседатели на Собранието, колку што имаше во деветтиот собраниски состав, сега само Горан Мисовски од НСДП е избран повторно за пратеник. Од СДСМ, пак, потпретседателка на Собранието беше Фросина Ременски, која на овие избори не беше кандидатка за пратеничка.
Според најавите, на почетокот на седницата, на која би се избирале новите потпретседатели на Собранието, би требало да бидат констатирани оставките на Флорин Бесими од ДУИ, како и на други пратеници кои ќе се најдат на конечниот список за министри на мандатарот Заев.
И додека за ДУИ, со оглед на превирањата во партијата, сѐ уште не е конечно кои пратеници, освен Бесими, ќе треба да заминат од парламентот, за СДСМ е извесно дека во владата ќе премине речиси целата прва постава од листите на коалицијата „Можеме“. Со тоа, ќе се испразнат места за следните кандидати на листите на коалицијата, главно од редовите на СДСМ (за Снежана Калевска-Ванчева, Славјанка Петровска…), а пратеник плус би требало да добие и ДОМ.