Заев: Нема да има парламентарни избори со локалните, пописот ќе се спроведе до 21-ви април
Премиерот Заев е убеден дека ќе го задржи мнозинството во Собранието, а оптимист е дека е можно и негово зголемување.
По повиците од ВМРО ДПМНЕ дека се потребни предвремени парламентарни избори, тој рече дека останува на истиот став – на есен да има само локални избори, а парламентарните да се одржат во редовниот термин во 2024та година. Причината зошто не прифаќа, вели дека е поради економскиот зајстој кој би го предизвикала новата предизборна кампања.
Заев упати повик до политичките партии и до граѓаните, да го поддржат процесот на попишување, како што рече, најважната операција која треба да се спроведе периодов. Одложување за неколку месеци како што предложи претседателот Пендаровски нема да има – Заев тврди дека тој ќе се одржи според планираното, од 1ви до 21 април.
Сепак опозицијата смета дека планираниот попис е лош чекор на власта бидејќи за него немаше консензус меѓу сите политички партии. ВМРО ДПМНЕ поднесе иницијатива до Собранието за почеток на собирање граѓански потписи со кои сакаат да го поништат законот за попис, но спикерот Џафери ја одби затоа што не ја напишале придавката “северна” во името на институцијата.