ЗАЕВ: ЗА ДЕБЛОКАДА НА СОБРАНИЕТО СЕ ОТВОРЕНИ СИТЕ ОПЦИИ
Се’ уште нема најава за одржување на пленарна седница на која ќе бидат изгласани законите од петтиот сет владини мерки за ублажување на последиците од корона кризата.
Премиерот Зоран Заев денеска од Велес порача дека се отворени сите можности за деблокада на институциите меѓу кои и вонредна состојба во земјата.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски побара од претседателот на Собранието Талат Џафери, за утре пред да се одржи седницата за пратенички прашања да закаже собраниска седница на чиј дневен ред ќе се најдат четирите антикризни закони за кои вели дека, иако поддршката од Владата е мала и недоволна, таа ќе биде поддржана од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ.
Џафери пак останува на ставот дека пратениците треба најнапред да го изгласаат дневниот ред на 36. седница и притоа да се утврдат приоритетни точки за гласање, а не, како што бара ВМРО-ДПМНЕ, да се одржи посебна седница на која би се изгласале одлуката за продолжување на кризната состојба на јужната и на северната граница и трите закони поврзани со антикризните мерки за Ковид-19.
Пратеникот Миле Лефков денеска реагираше дека Собранието не е блокирано затоа што опозицијата е тука и е подготвена да даде поддршка за важни закони за граѓаните.
Невладината Фајнанс Тинк денеска објави дека блокадата на работата на Собранието е ризик кој носи сериозни последици врз економијата.
„Во таа смисла, задоцнетата реализација или нереализацијата на економските мерки за справување со последиците од коронакризата носи висок ризик од дополнително забавување на економската активност, што ќе се рефлектира врз остварување раст значајно понизок од проектираниот.“ – Фајнанс Тинк.
А Институтот за демократија упати апел до партиите да имаат одговорен и државнички однос. Од таму сметаат дека е потребно деловничко ограничување кое ќе направи рамнотежа меѓу можноста да се користат алатки за спречување на законодавството и функционалноста на законодавниот процес.