Жалбата на Навални одбиена, останува во затвор
Судот во Москва ја отфрли жалбата на Алексеј Навални со која практично се гарантира дека руската опозициска фигура ќе остане во затвор две и пол години.
Критичарот на Кремљ е осуден на две години и осум месеци затвор поради кршење на условната казна, а сега му претстои судење за клевета на ветерани од Втората светска војна.
„Не жалам што се вратив – ја направив вистинската работа во тежок момент“, рече Навални пред пресудата во судот. Во говорот во кој ја цитираше Библијата, Хари Потер (каде главниот непријател на Хари Потер „не смее да се именува“) и серијата научнoфантастични цртани филмови Рик и Морти, тој рече: „Главната работа што сакам да ја кажам е не се плашете“.
„Да се живее значи да се ризикува сè“, рече тој, цитирајќи го Рик Санчез од анимираната серија „Адалт свим“. „Во спротивно, вие сте само инертен дел од случајно собрани молекули кои лебдат каде и да ве раздува универзумот“.
Затворен во стаклената ќелија, Навални упати страствен апел до Русите кои се незадоволни од животот под водство на Владимир Путин.
„Сакам Русија да биде слободна, но тоа само по себе не е доволно”, рече тој. „Имаме сè, но некако сè уште не сме среќна земја. Предлагам да го промениме нашиот слоган: Русија ќе биде не само слободна, туку и среќна. Русија ќе биде среќна!”, рече Навални, пренесе Гардијан.
Претходно, руските власти го отфрлија барањето на Европскиот суд за човекови права за ослободување на Навални, проценувајќи дека нема правна основа и дека тоа претставува грубо мешање во внатрешните работи на Русија.
Европскиот суд за човекови права испрати барање во кое се наведува дека неговиот живот е во опасност.
Навални беше уапсен на 17 јануари откако се врати во Русија од Германија, каде со месеци се опоравуваше од труење со нервен агенс.
Неговото апсење предизвика протести низ цела Русија, кои завршија со апсење на околу 11.000 луѓе.