ЕУ земјите се мобилизираат – бараат ограничување на големопродажната цена на природниот гас
15 земји – членки на ЕУ бараат од Брисел да ја ограничи цената на гасот во Унијата. Во писмо испратено до еврокомесарот за енергетика Кадри Симсон, членките бараат конкретен предлог кој ќе значи ограничување на големопродажната цена на природниот гас во целиот блок, а истиот да биде претставен на вонредниот состанок на министрите за енергетика на ЕУ во петок.
– Тоа е единствената мерка што ќе ѝ помогне на секоја земја да го ублажи инфлацискиот притисок, да управува со очекувањата и да обезбеди рамка во случај на потенцијални нарушувања на снабдувањето и да ги ограничи дополнителните профити во секторот. Плафонот треба да се примени на сите трансакции со природен гас на големо, а не да биде ограничен само на увоз од одредени јурисдикции.
Во документот стои дека плафонот може да биде воведен на начин на кој ќе се обезбеди сигурност во снабдувањето и слободен проток на гас во Европа, а во исто време да се постигне и целта која ја бараат.
Потпис ставија Бугарија, Хрватска, Грција, Италија, Летонија, Литванија, Малта, Полска, Португалија, Романија, Словачка, Словенија, Шпанија, Белгија и Франција. Прв се пофали грчкиот премиер Мицоткис кој го објави домунетот и напиша на твитер.
– Одлични вести во борбата против високите цени на енергијата! Мнозинството од 15 земји-членки сега го поддржуваат барањето до Комисијата за спроведување на ограничување на цената на природниот гас. – напиша Мицотакис.
За Македонија пак се ближи 1ви октомври, кој премиерот Ковачевски го обележа како „најтешкиот период за нас“, а се уште трае потрагата по енергенси. Разговори беа водени со Србија, Бугарија, Грција, Турција но се уште се чека епилог.
На 1ви октомври еден ден пред изборите во Бугарија ќе се отвори и гасна интерконекција меѓу Комотини ( Грција) и Стара Загора (Бугарија) а ќе присуствува и претседателот Пендаровски. Премиерот Ковачевски пак порача дека ќе чека да завршат бугарските парламентарни избори, за да ги продолжи преговорите со нив на оваа тема.