Ердоган кон Грција и Франција:Не обидувајте се да направите претстава
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека дијалогот и преговорите се единствениот начин за решавање на спорот со Грција за енергетско истражување во Медитеранот, додавајќи дека Анкара не води никаква „авантура“ во регионот.
“Начинот за решавање на спорот во Источниот Медитеран е преку дијалог и преговори. Ако дејствуваме со здрав разум, ќе можеме да најдеме решение што ги задоволува меѓусебните интереси. Ние не бараме непотребни авантури или зголемување на тензиите”, рече Ердоган.
Турција и Грција се наоѓаат во спор околу територијалните води богати со енергенси, а тензиите меѓу двете земји се зголемија во понеделникот, откако Турција започна со истражување на нафта и гас во спорното подрачје.
Атина веднаш го осуди овој потег како нелегален и побара поддршка од сојузниците во Европската унија.
Франција веднаш ја повика ЕУ да воведе санкции за Турција, а денес спроведе вежби во грчките води со грчки воени сили.
Преку заеднички грчко-француски воени вежби, францускиот претседател Емануел Макрон за прв пат јасно стави до знаење дека неговата земја сака да го засили своето присуство во источниот Медитеран.
Франција претходно денеска соопшти дека ќе „привремено ќе го зајакне“ своето воено присуство во источниот Медитеран „за да ја следи ситуацијата во регионот и да покаже решеност да го почитува меѓународното право“.
Без да именува никого, Ердоган рече дека земјата која нема ниту крајбрежје во источниот Медитеран ја турка Грција да преземе „погрешни потези“ во регионот.
„Никој не смее да има превисоко мислење за себе. Да биде целосно јасно: не обидувајте се да изведете претстава“, рече Ердоган.