Д-р Деари е првиот лекар кој почина од компликации на COVID-19 во земјава

Министерот за здравство Венко Филипче денеска преку социјалните мрежи извести дека починал д-р Арификмет Деари, уролог од Тетово, поради компликации од коронавирусот.
Д-р Деари бил хоспитализиран заради невролошки проблеми, но исто така бил позитивен на COVID-19. По 15 дена болничко лекување ја загуби битката со болеста во ГОБ ,,8 Септември”.
Д-р Деари (64) кој беше само на неколку месеци до пензионирањето, е првиот лекар кој почина од компликации на коронавирусот, напиша Филипче на Facebook и изрази жалење и длабоко сочуство до неговото семејство.
„Апелирам до моите колеги здравствените работници да се чуваат и заштитуваат, на работното место соодветно на протоклите, но и надвор од него. Апелирам и до граѓаните да ги почитуваат мерките, да се заштитат себеси, здравствените работници и сите свои сограѓани“, додаде Филипче во објавата.