Димова нема да поднесе оставка, тврди нема незаконитост во Еразмус проектите, ЕК најави истрага
Иако се тврдеше дека не станува збор за фризерница која добила европски пари сепак Зоран Златковски преку фирмата ВЕЗ Трејд регистрирана во Централниот регистер како фризерница добила 7 грантови во вкупна вредност од 270 илјади евра од Националната агенција за програмата Еразмус плус. Директорката Лидија Димова уште претходно негираше дека се работи за фризерница и дека фирмата ВЕЗ Трејд е скратеница од фирмата Вредност на европско знаење. Златковски иако првично тврдеше дека се работи за лажна вест, сепак потврди дека основната дејност на неговата фирма е фризерница и салон за разубавување.
„Фамата околу фризерницата тоа е дезинформација, затоа што кога добивате проект јас сум должен пред Националната агенција да приложам посебна сметка.
Моментално според тековната состојба и со е регистрирана како фризерско студио, односно фризерски салон и салон за убавина“, рече Златковски.
Покрај тоа што Златковски добивал грантови во вкупна вредност тој имал склучено и договор за надворешен експерт во Еразмус плус. Димова потврдува дека тој има неколку договори како експерт но негира дека во ова има судир на интереси.
„Мора да има евалуатори кои што се тајни и тие се викаат во нашиот случај надворешни соработници немаат право да учествуваат. Во нашиот случај кај нас тие имаат право да користат средства но немаат право да ги оценуваат своите проекти. Надворешен соработник во нашиот случај е евалуатор а не е точно дека не може да користи, се додека има влијание во процесот на евалуација не може да учествува ако нема влијание апсолутно може да учествува да користи средства“, рече Димова.
За реакциите дека биле доделени грантови за обука за тренирање магаре и хрватски липицанер за кое училиште од Кавадарци добило 83.000 евра Димова вели дека тоа произлегло од адвокатот Александар Тортевски кому наводно му биле скратени средства за проект. Инаку, Европската комисија отвори истрага за случајот со наводна злоупотреба на европските пари од програмата Еразмус плус, пренесува МИА.
„Сите наводи за злоупотреба се разгледуваат и онаму каде што станува збор за ЕУ фондови, секое нерегуларно трошење ќе биде идентификувано и ќе се врати назад.“, соопштуваат од Европската комисија.
Од Европската комисија не можат да дадат повеќе детали за истрагата додека е во тек, но она што е познато е дека во случај да биде утврдена криминална злоупотреба на фондовите, случајот ќе биде испратен до ОЛАФ европското тело за борба против измами.